Денеска се одбележува Светскиот ден на студентите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната панел дискусија на УМС, посочи дека државата мора да се грижи за студентите, а не тие да ја губат слободата.
„Денес е Светскиот ден на студентите, денот кога се сеќаваме на борбите на студентите во минатото, ги славиме нивните имиња и ги почитуваме резултатите од нивниот активизам. Oва е денот кога треба да погледнеме кон иднината, да се обидеме да посветиме малку внимание на борбите кои им претстојат и да потсетиме дека нема ништо посилно од единството и слободата која толку многу им треба на младите и студентите. Студентите се движечката сила на едно општество, моторот на промените, иновативноста, цутот на секое општество.
Најдобар синоним за младиот човек е слободата, кога ја има, тогаш тие поместуваат граници, создаваат и креираат критериуми, вредности, а кога ја нема, тие се искрата од која почнуваат промените.
Денес за жал нашата земја го живее можеби најцрното време. Студентите ја губат слободата, и некој ќе праша како е тоа можно, можно е кога тие имаат празен стомак, стипендии кои доцнат и не се зголемуваат, услови за сместување кои не се подобруваат, наставна програма која не се реформира, стандарди кои го пробиваат дното, глас на млади кој не се слуша.
Имаме универзитети кои се надвор од првите илјада во Светот, млади луѓе кои откако со успех ќе ги завршат студиите одат во Агенцијата за вработување и чекаат работа, и тогаш им се упропастуваат сите сонови, целата надеж поради која решиле да се борат во животот, да учат, напредуваат, се се срушува, тоа е црнилото на загубената генерација.
Власта едно говореше пред изборите и сосема друго после изборите. Никаде го нема новиот студентски град кој го ветуваа во првите 6 месеци од мандатот, нема државна помош за младите, ниту проектот гаранција за младите, нема реформа на државните универзитети, нема фонд за научно истражувачка дејност, нема зголемени стипендии, нема ниту еден нов проект за младите…студентскиот стандард е преполовен.
Затоа е потребно целосно преобразување, ново поглавје во односот кон студентите и младите. Денес пред младите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ кој го одбележаа Светскиот ден на студентите имав можност да се обратам.
Студентите мора да бидат слободни, мотивирани, и да ја почувствуваат грижата од државата. Ќе овозможиме загарантирано вработување за 500 – тини најдобри студенти секоја година. Мора најдобрите да добијат шанса овде во Македонија.
Ќе го подобриме студентскиот стандард и се што опфаќа тој стандард преку лепеза на мерки и активности кој ќе ја дуплираат поддршката на младите.
Работење на создавање на услови за вработување на младите по комплетирање на студиите. Подигнување на квалитетот на образование. Македонија мора да има свои универзитети на Шангајската листа за квалитет на високото образование, мотивиран наставен кадар преку зголемување на платите на наставниците за 50 осто и редица други мерки.
Во ВМРО-ДПМНЕ имате партнер, подадена рака која го слуша вашиот глас. Вие сте почетокот од каде ќе тргнат промените, и главната движечка сила која ќе донесе иднина“, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.