„Не ја предаваме историјата“, „Но пасаран“, „Јас не ја разбирам Мила“, „Цезар не е само салата“ се дел од пораките кои денеска се појавија на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и пред Влада.
Станува збор за герила акција на студенти од Институтот по историја при Филозофскиот факултет, со која се спротивставија на понудениот концепт на Министерството за образование и наука за основно образование, пренесе радио МОФ.
Димитар Коруноски, дипломиран историчар и претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофски факултет изјавил дека му пречи тоа што таканаречениот концепт што го понуди МОН е донесен без консултација со професорите историчари и без воопшто да се информира струката што утре ќе треба да ги спроведе реформите на дело во училиштата.