Не го пуштиле да си оди по завршување на воениот рок, по два дена го погоди граната: Одбележани 21 година од смртта на Блашко од Марена!

by fokus

Денес, по повод 21 година од смртта на младиот Блашко Толев, во неговото родно село Марена, Кавадарци, беше положено цвеќе пред неговата биста. Достојна почит му оддадоа најблиските роднини, делегации од Општина Кавадарци, претставници од АРМ и други.

И по 21 година од смртта, Блашко кој го изгуби животот во цутот на младоста, на 20-годишна возраст, останува непребол за Кавадарци.

Тој загина на први јули 2001 година, во борбите со УЧК кај Тетовско Кале, од минофрлачка граната.

Како што си спомнуваат кавадарчани, Блашко бил вредно дете од најрана возраст, и по завршување на осмо одделение заминал на работа во Битола, каде во тамошното шумско стопанство работел како дотурач на дрва.

Во октомври 2000 година заминал на отслужување на воениот рок, првин во Битола, а потоа во Штип. Тој бил таму кога започнале воените дејства со УЧК во тетовско и кумановско.

На 29-ти јуни Блашко побарал да биде пуштен од армијата, бидејќи го отслужил воениот рок, а му било кажано дека тоа ќе го направат во вторник кога требало да пристигне нова група на војници. Не дочекал да се врати дома, бидејќи два дена по отслужувањето на воениот рок бил смртно погоден од гранатата.

Постхумно беше одликуван со медал на храброст од претседателот на државата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости