Не постои воена закана од Русија по регионот и нема закани по безбедноста на ниту една земја членка на НАТО, вклучително и на Северна Македонија е заедничката оценка на премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На новинарско прашање, дали стапие во контакт со Киев за повеќе информации по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека Русија има план за воена дестабилизација на Балканот, премиерот Ковачевски беше дециден дека нема закани по безбедноста и стабилноста на нашата земја.
„Информациите што ги разменуваме со земјите сојузнички се дека нема закани по безбедноста и стабилноста на нашата земја. Ние и другите членки на НАТО се бориме против руското влијание во регионот. Ние сме членка на НАТО и верувам дека институциите си ја вршат работата. Влијание на трети земји, вклучително и руско, постојат на Балканот, тие се обидуваат да најдат истомисленици, но тие не се ниту на приближно ниво на она што го и поседуваат нашите безбедносни служби и институции и безбедносните служби и институциите на НАТО за да направат дестабилизација“, рече Ковачевски.
Воена закана од Русија не гледа ниту генералниот секретар на Алијансата.
„Не гледаме никаква воена закана од Русија, но внимателно следиме што прави. Ќе останеме присутни во регионот и подготвени сме брзо да се организираме и да се засилиме и да направиме сè за да го одбраниме секој наш сојузник. Сакам да испратам една порака до Русија, да продолжи да се воздржува од агресивни дејства против соседите и да ги прекине воените дејства против Украина“, изјави Столтенберг.
Неговата порака е дека НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија на НАТО.
Ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО на Северна Македонија откако државата е полноправна членка на НАТО.