Не ги продадовме маркетите, туку ги дадовме под закуп

by Fokus

Барање за извинување и јавно повлекување согласно член 13  од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета

На ден 07.03.2018 година на интернет страницата на Вашиот портал, http://fokus.mk, објавен е текст со наслов: „Рамстор“ го тужи „Скопски Пазар“, бара 100 илјади евра”

Во објавениот текст, кој претставува непрофесионален и крајно субјективен поглед (со цел преку груби лаги да се наштети на Скопски Пазар АД Скопје) е наведено, цитираме:

Со оглед на тоа колкумина биле ангажирани, сумата од 100 илјади евра и не изгледа толку голема. „Рамстор“ едноставно сака да си ги поврати парите од направените трошоци. Нивната огорченост најверојатно е зголемена ако се знае дека СП, откако ги напуштил преговорите со „Рамстор“, за само неколку дена потпишал договор со други две фирми, „Кит-го“ и „Зур“, кои ги купиле маркетите и ги презеле вработените, со што се остава впечаток дека СП паралелно преговарал на два фронта и билдал цена, што во „Рамстор“ сигурно го доживуваат како неетички и некоректен бизнис потег.

Во горенаведениот дел од објавениот текст изнесувате невистини и тенденциозни наводи, а се со цел создавање погрешна и лажна перцепција во јавноста. Со изнесените невистини, на правниот субјект Скопски Пазар АД Скопје му нанесувате штета. Во дел од текстот наведувате дека наводно Скопски Пазар АД Скопје, откако ги напуштил преговорите  со Рамстор потпишал Договор со Кит-го и Зур, кои ги купиле маркетите, а сето тоа го сторило правното лице со цел остварување на подобар износ на цената на маркетите. Овие наводи се невистинити, бидејќи маркетите се дадени под закуп, и не се откупени, односно маркетите не се продадени од страна на Скопски Пазар АД Скопје. Следствено на тоа, од ваквиот невистинит факт сте извлекле лажен и клеветнички заклучок, односно сте сакале да прикажете  наводно неетичко однесување на реномирано правно лице какво впрочем што е Скопски Пазар АД Скопје. Доколку не сте изнеле невистинитиот факт,  целокупниот дел од текстот ќе добиел сосема поинаква конотација и би бил бесмислен.

Понатаму, во објавениот текст е наведено следното:

СП се доведе во ситуација да продава и да издава имот откако целиот сектор за трговија му пропадна, а компанијата западна во долгови. Според финансиските и ревизорските извештаи фирмата должи девет милиони евра кон банките и пет милиони евра кон добавувачите.

Неточен, невистинит и клеветнички е наводот дека Скопски Пазар наводно должи 9 милиони евра кон банките и пет милиони евра кон добавувачите. Со самото тоа што и во овој дел објавувате невистинити факти, со истото вршите клевета и предизвикувате штета на Скопски Пазар АД Скопје. Правниот субјект, е задолжен кон Банка каде има склучено Договор за кредитна рамка, како и впрочем повеќето правни лица во Република Македонија, а со цел обезбедување развој на самиот субјект. Ваквите невистинити факти, кои не е прв пат да ги објавите, со сигурност може да се потврдат доколку ги анализирате финансиските извештаи на Скопски Пазар АД Скопје, кои редовно ги објавува согласно обврските предвидени со закон.

Од друга страна пак, согласно правилата за котација, на интернет страницата http://www.seinet.com.mk, Скопски Пазар АД Скопје објави известување со кое ја извести  јавноста дека неревидираните финансиски извештаи ќе бидат објавени најдоцна до 15.03.2018 година, па оттука, се поставува прашањето, врз основа на кои докази сте дошле до конкретниот заклучок и сте го објавиле податокот.

Со објавувањето на лажни, неточни и навредливи наводи на вашиот интернет портал, нанесовте штета на угледот и честа на правниот субјект СКОПСКИ ПАЗАР АД Скопје, а особено сторивте клевета согласно одредбите од член 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Поради претходно истакнатото, а согласно одредбите од член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, до вас го поднесуваме ова Барање за извинување и јавно повлекување на невистинитите наводи цитирани погоре во ова наше барање, во исто време и во ист обем, во рок од 48 (четириесет и осум) часа сметано од приемот на ова писмено барање за извинување.

Доколку не постапите согласно законот, а во однос на ова Барање за извинување, оштетениот правен субјект СКОПСКИ ПАЗАР АД Скопје, заштитата на своите права кои му се загарантирани со закон, ќе ја остварува пред стварно и месно надлежен суд во соодветна судска постапка.

 Скопје, 19.03.2018 год.

         

                                                                             Полномошник на подносител,

                                                                              Адвокат Велимир Димоски

Поврзани новости