Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, не доаѓа во Хаг.
-Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи.
Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков – рече Сиљановска-Давкова.
Прашана дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, таа посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
-Не сме предложиле на господинот Жељазков за да биде потврдено туку тоа, ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде.
Инаку, јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност – рече Сиљановска Давкова.