Предлог-препораките за македонските учебници за седмо одделение, како и за евентуални заеднички чествувања беа тема на вчерашните и денешните разговори во Скопје на 36 средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовна прашања вели дека во врска со предлог-препораките повторно до израз дојдоа различните погледи и сфаќања.
-Што се однесува до евентуалните заеднички чествувања се разговараше принципиелно, а не по конкретни предлози – велат од македонскиот тим на Комисијата.
Сепак, без оглед на различните пристапи и мислења, како што соопшти македонскиот тим, се настојува на проактивен курс, залагајќи се за изнаоѓање конструктивни и одржливи решенија, базирани на позитивните европски практики, со заемно почитување на правото на различна перцепција кон минатото.
Во вчерашната најава за состанокот на Комисијата, за тема на разговор, освен учебниците за седмо одделение во земјава, беше посочена и можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Тоа го потврди и Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, кој рече дека ќе се разговара за учебниците за седмо одделение во Македонија и можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев.