Не е до народот – до вас е!

by Fokus

Големите политичари и државници секогаш ја согледувале и прифаќале грубата реалност и се обидувале со своето знаење и умеење да ги исправат грешките, а не ја боеле грубата реалност со боите на виножитото, убедувајќи се себеси и другите околу себе дека е сѐ розово и совршено

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Се сеќавам на училишните денови кога учителката ќе ни ја дадеше првата писмена задача на темата „Мојот летен распуст“. Најголемиот брoј од писмените задачи почнуваше со една иста реченица – дојде и тој ден. На ист начин ќе ја почнам и јас мојата колумна и ќе кажам дојде и тој ден.

Дојде и тој ден кога маглата се продава како шеќерна волна на панаѓур, лагата како вистина, глупоста како памет, нечесноста како доблест, незнаењето како одлучност, необразованоста и неписменоста како тренд, а некадарноста и корумпираноста како услов за функција.

Изборите ги претворија во пазарско наддавање, програмите во шарена малоумна лага, гласот и право на избор во уцена, закана, по некој сендвич и „кока кола“. Го потценуваат и мразат народот, на кој му се улизуваат во деновите пред изборите, евтино продавајќи се како проститутки, заборавајќи го и народот и сите ветувања кога ќе седнат во столчето.

УМИСЛЕНИ ЕЛИТИСТИ

Дојде и тој ден, денот на изборите, ден кога народот тивко ќе го каже своето мислење за оние кои се удираа во гради и се фалеа со 100 метри асфалт, по некоја бекатон коцка, многу суета и позерство, уште повеќе лоповлук и криминал.

Со еден потег на пенкалото ќе им даде до знаење на умислените елитисти дека не се создадени и предодредени да владеат без одговорност, транспарентност и знаење, како што тие мислат секогаш кога ќе дојдат на власт. Не е доволно да останеш на власт, повторувајќи дека претходните беа никакви и лоши, а ти да немаш програма, цел и визија, единствено грижејќи се како уште повеќе ќе ставиш во својот џеб, или партиската каса.

Секојдневните афери, глупости и малверзации не можат да се скријат, премногу сме мала држава за тоа, се познаваме сите меѓу себе, не можат ниту да се оправдаат со глупавите и срамотни изјави и пресови на партискиот или државен врв.

Не може секоја критика да се сфати како напад и злонамерност, а наместо дискусија и полемика одговор да бидат малоумните пишувања и плукања на партиските ботови. Наместо да се стави прст на чело и да се размисли зошто и од каде доаѓа критиката, колку е точна и што може да се исправи, единствениот одговор на некадарните и суетните е етикетирање и плукање, прогласување предавници, измислување непријатели.

НАВРЕДУВАЊЕ НА ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА

Недозволиво е и навредливо, ја навредува интелигенцијата на народот, смешното оправдување на грешките и пропустите на одделни министри, директори, градоначалници и други функционери, бранењето со апсурдните изјави на првите луѓе во власта и со обидите за спинување на настаните и состојбите.

Наместо да се признае грешката, вистински да се утврдат одговорностите и причините за случувањата, упорно се бранат одговорните, вината се префрла на друг, одговорноста на трет, а состојбите се затскриваат со обиди  последиците да се маргинализираат.

Неспроведувањето на вистински реформи, а наместо нив шминка и продавање магла. Продолжување на владеење по ист терк како и претходните без вистински промени и длабоки и коренити резови. Со ничкосано судство и испартизирано правосудство. Со катастрофална состојба во стопанството и економијата, со сиромаштија, во која се наоѓаат две третини од народот. Со константното иселување на младите без политики и мерки тоа да се намали. Со енормна корупција и севкупна исполитизираност на општеството, резултатите на локалните избори се само увертира и опомена за парламентарните.

Големите политичари и државници секогаш ја согледувале и прифаќале грубата реалност и се обидувале со своето знаење и умеење да ги исправат грешките и да ги постават работите на здрави темели, воспоставувајќи механизми, правила и процеси за заздравување на општеството, а не ја боеле грубата реалност со боите на виножитото убедувајќи се себеси и другите околу себе дека е се розово и совршено.

ДВА ТИПА ПОЛИТИЧАРИ

Најголемата разлика помеѓу овие два типа политичари е што оној вистинскиот му служи на народот и тука е заради народот, за разлика од другиот кој смета дека народот е тука поради него, а тој ѝ служи на партијата, фамилијата и на себеси.

Не е виновен народот за ваквите резултати како што пишува еден градоначалник на својот фејсбук-профил, туку сте вие самите виновни. Не заборавил народот како беше 11 години под режимот, како што пишува пак друг, туку вие сте заборавиле зошто и како дојдовте на власт и што ветивте и што требаше да направите.

 

 

Поврзани новости