Ги сретнувам насекаде. По улици, во автобуси, во ресторани, кај пријатели на гости, кај нас дома на гости, познати, полупознати, роднини, другари, загрижени, рамнодушни, среќни, несреќни, добронамерни, недобронамерни, исплашени или помалку исплашени. Џабе ви е сето ова професорке, велат. Немате шанси со Нив, тие ја имаат власта, ја имаат полицијата, ги имаат телевизиите и весниците, ги имаат судовите и имаат цела војска послушници и тепачишта спремни за контрамитинзи, контрапленуми и контрареволуции… Најчестото добронамерно укажување е да се откажам, да не си ја земам белјата и да не си ставам трн во здрава нога. Затоа што сé било џабе.
Работата е дојдена дотаму, што веќе ни самата не знам дали поголеми се притисоците од власта и од нејзините медиумски комесари или оние од моите загрижени пријатели кои, иако се добронамерни, сепак се поперфидни.
Во таква ситуација, соочена со пословичниот македонски дефетизам, секогаш се охрабрувам со една вечна вистина толку совршено срочена во вонвременскиот есеј од Ерих Фром, насловен и наменет „За непослушноста“:
„Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да ѝ се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам “не” и не можам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината“.
И затоа мојот одговор е: верувам дека нашата реакција на последните интервенции во Законот за високо образование ќе ја искомпромитира или делгитимира Владата. Верувам дека нашиот протест ќе даде конкретен и опиплив резултат во образованието и општеството воопшто. Можеби нема да се случи преку ноќ (како што се носат законите), можеби нема да биде утре, ама трамвајот наречен Непослушност веќе е тргнат.
И не е џабе. Сето ова вреди. Вреди заради Непослушноста. Вреди заради Слободата. Вреди заради Вистината.
Соочени со една забревтана ПР машинерија на власта која 24/7 ни врши агресија врз сите сетила за сите нејзини успеси, добри намери и желба за слобода и демократија, а истовремено не толерира и сузбива поинакво мислење или недај боже – критика, моравме да реагираме во име на Вистината.
И да кажеме дека Владата лаже и дека премиерот е манипулатор. И да покажеме дека последните интервенции во Законот за високо образование се октроирани, штетни, неуставни и дека нивни креатор е – Владата. Од тоа бегање нема. И да докажеме дека со начинот на нивното донесување, Владата демонстрираше сила и моќ.
Затоа студентите ѝ се спротивставија на таквата сирова манифестација на сила и моќ. Затоа и ние, професорите, по силата на професијата, но и одбраната на слободната мисла, се ставивме до нашите студенти. Затоа нам ни се придружија и многу слободномислечки граѓани. Меѓу нив има и членови на владејачката партија, кои нé охрабруваат да издржиме во нашата борба.
Вистина е дека нашата борба е демонстрација на непослушност. Демонстрација на непризнавање на авторитети создадени на темелите на моќта, а не на компетенцијата, знаењето и доблеста. А тоа е услов за слобода. Таа сега се буди низ улиците, плоштадите, аулите, амфитеатрите, кабинетите.
И ќе остане будна долго после нас.
Затоа не е џабе.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор