Големиот „корупциски“ случај издиша, повеќето обвинети во „Змиско око 1“ добија условна казна

by fokus

По седум години лутајќи низ судските лавиринти, обвинетите во случајот „Змиско око 1“ денеска по втор пат ја слушнаа пресудата на Основниот суд Скопје 1. Иако овие обвинети, вработени на патарините низ земјава, беа апсени спектакуларно, а случајот во јавноста беше презентиран како голем корупциски скандал, сепак и денешната пресуда докажа дека со текот на годините предметот издиша како балон. Поголемиот дел од казните се условни, а со казна затвор завршија само десетмина од 72-та обвинети.

Затворски казни од две до четири година добија десетмина од обвинетите, поради злоупотреба на службената положба, а седумина од нив и поради злосторничко здружување. Ослободителна пресуда, пак, добија петмина од обвинетите, за кои судот одлучи дека се ослободуваат од обвинение. Дури 48 од обвинетите добија условна казна од две години, која нема да се реализира доколку во следните пет години овие обвинети не сторат ново кривично дело.

„За сите обвинети кои им е определена Условна осуда, судот го одби обвинението за кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 ст.2 од КЗ“, информираат од Основниот суд Скопје 1.

Во пресудата на осудените им се наложува и да ја надоместат штетата на Агенцијата за државни патишта во висина од 2,8 милиони евра.

Токму на ваквата одлука реагираа речиси сите осудени, кои тврдат дека судот од ракав ја извадил оваа сума, односно посочуваа дека точна висина на штета никогаш не била утврдена, туку судските органи си играле со бројки.

На казната затвор што ја доби од 2 години и четири месеци реагираше и осудениот Никола Василевски.

-Оваа казна ми е „награда“ за тужбата што ја поднесовме во Стразбур за притворот, бидејќи токму моето  име беше на тужбата, како поднесувач“, револтирано истакна Василевски.

Осудените и нивните адвокати најавија дека и оваа пресуда ќе ја обжалат на Аплеација, а истакнаа дека се спремни правдата да ја бараат и во Судот за човекови права во Стразбур.

Судската голгота на овие луѓе започна крајот на 2007 година кога во полициската акција „Змиско око 1“ беа уапсени 72 инкасанти, раководители и контролори од наплатните рампи низ земјава под сомнение дека здружени во група не издавале сметки  на македонските патарини,  а парите ги ставале во џеб. За околу 7 месеци беше донесена првостепена пресуда од Кривичниот суд во Скопје. Со ефективни затворски казни беа осудени само 13 од вкупно 72 обвинети. Поголемиот дел од обвинетите добија казни затвор во траење од по 2 години, кои се заменуваат со условни доколку во наредните 5 години не сторат друго кривично дело. На двајца кои за сето време беа недостапни за органите на прогонот им беа изречени затворски казни од по четири години, а изречени беа и две казни по три години.

По една година Апелациониот суд во Скопје донесе решение со кое се укинува првостепената пресуда за осудените во случајот „Змиско око“ и предметот го врати на повторно одлучување во скопска единица. Овој суд најде нејаснотии во првостепената пресуда, односно според второстепениот суд посебните истражни мерки не докажувале ништо, а исто така беше побарано да се утврди и износот на нанесената штета.

Во меѓувреме 38 обвинетите поднесоа тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Оттаму едногласно е одлучено дека скопскиот кривичен  суд неоправдано долго ги држел, и им го продолжувал, притворот. Македонија поради кршење на правото на слобода и сигурност требаше да им исплати на сите обвинети што тужеа во Стразбур по 2.000 евра за судски трошоци.

 

Поврзани новости