Во моментот кога одлучив да се приклучам кон студентско-професорските протести, мојот повод не беа законските измени во високото образование. Бев гневна и револтирана од начинот на нивната имплементација. Таа беше проследена со спинови на власта, која од самиот почеток ги извртуваше вистинските причини за реакцијата на целата академска јавност во Македонија. Да бидеме начисто – никој, никогаш и никаде не спорел дека постојат сериозни, длабоки и системски проблеми во образованието, а посебно во високото, кое во одредени средини продуцира апсолутно несоодветен и необразован кадар. Оттаму, јас, како граѓанин и како слободен човек, имам сериозна потреба да разговарам, да укажам, да дебатирам и, во крајна линија, да реагирам на сите аномалии во општеството. Но, истовремено, како универзитетски професор, со индигнација одбивам наметнати решенија од аматери и почетници, а посебно сум чувствителна на процесот на октроирање решенија, како и на политиката на свршен чин во мојата професија. Не може така, не смее така и тоа треба јавно да се каже.
Кога говориме за последните измени во Законот за високо образование, кој, патем речено, во последниве осум години е направен „решето“ со 13 измени и дополнувања, говориме за екстерното оценување на студентите, односно за воведувањето т.н. „државен испит“. Тоа е, простете на изразот, чиста глупост, која јас ја нарекувам палијативно решение. Ги лечиме последиците, а ги маскираме причините. А причините се забот кој боли.
Знаете на што најмногу реагира Македонецот? Кога некој го прави будала. Не дозволувам оној што го упропастил образованието со неговото стампедо неконтролирани реформи, сега да ме убедува дека јас сум виновна затоа што „од некои факултети излегувале студенти со незаслужени дипломи“. И тоа не е сé – сега следи новиот спин на власта и нејзините медиуми, според кој, ние професорите сме се солидаризирале со нашите студенти, затоа што нашите докторати, според премиерот, вредат до Врање. Не сме биле во канцелариите од осум до четири. Не сме имале соодветно многу трудови по глава, по година, по импакт. Јас го доживувам ова како елементарно домашно невоспитание на носителите на власта. Замислете како би изгледало моите колеги од Економскиот факултет да се посомневаат во квалитетот, или автентичноста на магистерскиот труд на премиерот, бомбастично промовиран во МАНУ како континуитет на неговата прилепска диплома? Или, пак, не дај Боже, да ја проверат валидноста на дипломата на министерот за образование?
Да резимирам – ова што го прави Владата нема никаква врска со образованието. На сцена е диктат, односно покажување мускули. Притоа, се користат сите валкани игри, како што е клеветата, сплеткарењето и подметнувањето. Јас, моите колеги наставници, моите колеги студенти и моите сограѓани, сме единствени – ова нема да помине. Овој пат, имаат противници на кои не им се дораснати.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор