Имаше еден виц кој произлезе од маката на Србија и „поддршката“ што ја имаше од Русија. Американскиот претседател Клинтон во 1999 година му се јавува на Борис Елцин и му соопштува дека планира да ја бомбaрдира Србија. Елцин го прекинува и вели:
− Па, не можеш да ја бомбардираш Србија, таа е сојузник на Русија!
Клинтон се обидува да продолжи: − Ама ние ќе вложиме 100 милиона долари во руското здравство…
Елцин: − Знам тоа, ама, сепак, ние имаме право на вето…
Клинтон: − Ќе ви дадеме кредит од една милијарда долари со поволна камата…
Елцин: − Во ред, ама Србите се наш братски народ, не можеме ние тоа да го дозволиме!
Клинтон: − Не прекинувај ме, да ти докажам. Ние ќе ви дадеме и 200 милиони долари неповратно, за да го одржувате нуклеарното оружје…
Елцин пак го прекинува и вели: − Тоа се вкупно 1.300 милиони долари. Да не должиме многу, дајте ни уште 200 милиони долари неповратно и кажи колку дена ќе ја бомбардираш Србија и дали ти треба наша помош!
МОЛКОТ НА ВЛАДЕЈАЧКАТА ГАРНИТУРА
Случувањата во Украина и однесувањето на Русија се најжешката светска тема и најголемата грижа на Европа и на САД, покрај многуте жаришта низ светот (Сирија, Газа, Ирак… ). Се чини дека ова е најголемата криза меѓу Западот и Русија во последните децении. Санкциите на Европа кон Русија ѝ нанесуваат огромни штети за руската економија.
Нервозата на Путин се гледа во избрзаните потези, како оној со забраната на цивилните летови низ Русија, по кој штетата што неговата држава ја трпи од таа мерка е поголема од штетата на оние за кои оваа мерка е предвидена. Сепак, доаѓа и зимата, а Европа, иако забрзано работи на алтернативни решенија, оваа зима ќе има голема потреба од рускиот гас, а тоа значи уште неизвесности.
Но, ова е шанса јасно да се определи иднината на оваа држава и конечно да почнеме да се тркаламе кон европскиот пат на кој застанавме дента кога Груевски дојде на власт. Наспроти тоа, владејачката гарнитура и нашата дипломатија се во тотален молк по ова прашање и со ниту еден гест не покажаа дека се за вредностите кои се дел од западната цивилизација, а кои на нивните граѓани им обезбедуваат правна држава, економски напредок и почитување на човековите права.
Покрај молкот на владејачката гарнитура, на поголем дел од провладините медиуми гледаме величање на ликот и делото на Путин. Како резултат на тоа се јавува и поддршката на социјалните мрежи, каде што дел од нашите сограѓани навиваат Русија, покрај Крим, да анектира уште по некој дел од Украина! Дел од провладините лингури се обидуваат Русија пред македонските граѓани да ја претстават како демократска и праведна држава, со добар стандард за граѓаните, а Путин како добар владетел, и сето тоа во пакет да ни го претстават како алтернатива на европскиот пат.
ДАЛИ РУСИЈА ЈА КОРИСТИ И МАКЕДОНИЈА ПРОТИВ ЕУ?
Ако е толку добра Русија, економски просперитетна, ако гарантира слобода, а ЕУ и НАТО само што не се распаднале, и економски и политички, зошто луѓето од Македонија се селат во ЕУ и во САД, а не во Русија? Зошто дури и Србија јасно се определи за ЕУ? Дури и Вучиќ, кој како опозиционер се колнеше во Русија, сега гледаме дека не се трга од фустанот на Меркел, како дете кога ја држи својата мајка, па дури и во Москва пред Путин рече дека Србија е определена да биде членка на ЕУ!
Со што тоа Русија во историјата ги има задолжено Македонија и нејзините граѓани? Каков ќар некогаш Македонија видела од Русија, па ние сега да ја отфрламе Европа и да навиваме путинска Русија да анектира делови од Украина?
Пред некој ден прочитав една изјава на Волфганг Петрич, австриски дипломат, во која тој открива дека Европа е свесна оти Русија, односно Путин, ја користи БиХ, т.е. нејзиниот ентитет Република Српска, за слабеење на ЕУ.
„Безмалку сите на состанокот се согласија со мене во ставот дека Путин ја користи Република Српска за да ја ослабне ЕУ. Тоа го прави на ист начин како во случајот со Украина, Грузија, Молдавија…“, изјави Петрич и најави дека Европа низ последователни конкретни интервенции во БиХ ќе ѝ покаже на Русија дека БиХ е дел од Европа.
Инаку, Петрич е поранешен висок претставник во БиХ и поранешен амбасадор на Австрија во Србија, па затоа оваа негова изјава е релевантна.
По ваквата изјава на Петрич ми се наметнаа неколку прашања: Првото, дали Русија ја користи и Македонија, покрај БиХ, за да ја слабее ЕУ? Посебно, ако се земе предвид дека Русија го изгуби влијанието врз Србија − таму сега е главна Меркел.
Ако одговорот е „не“, тогаш второто прашање би било уште попрецизно: Зошто македонската власт, предводена од ДПМНЕ, сосе нивниот огранок наречен ДУИ, посакува Македонија да биде заложник во рацете на Путин во неговата борба против ЕУ?