Откако Ѓорге Иванов прво во интерес на државата прогласи аболиција, а потоа повторно во интерес на државата делумно ја поништи својата одлука за аболиција, Народно движење за Македонија смета дека Иванов не е во состојба да ја извршува функцијата бидејќи не распознава што е интерес на државата.
-Има ситуации кои влијаат врз душевната состојба и размислувањето на Иванов тој да не може да разбере какви дејствија презема и затоа се обраќа до Уставниот суд. Тоа е опасно за народот и за државата бидејќи се работи за претседател на државата кој ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили – велат од НДМ на Јанко Бачев.
Оваа партија најавува дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поведување на постапка за испитување на постоење на околности поради кои претсетдателот не може да го сфати значењето на интересот на државата и на граѓаните што може да влијае на негова спреченост да ја врши функцијата.