НДМ: Иванов да се извини што не ги спомна загинатите војници од 2001

by Фокус

Народно движење за Македонија (НДМ) изрази голема огорченост од говорот на претседателот Иванов по повод денот на Армијата, со кој, како што велат тие, на отворена сцена се рушеа историските вредности на македонскиот народ и побара од него да се извини за тоа што не ги спомна загинатите македонски војници на боиштата во поранешна Јуославија и загинатите бранители од 2001 година.

-Имено, за НДМ е неразбирливо зошто Иванов во делот каде зборуваше за заслужните за денешната македонска армија и држава, започнувајќи од 1915 година кога бил отворен Македонскиот фронт и во кој загинале 200.000 македонски војници мобилизирани во туѓи армии и за туѓи интереси, па се до неговата благодарност како што истакна до сите денешни пензионирани генерали, воопшто не ги спомна и педесетината македонски војници кои поради тогашната лоша домашна политика гинеа за туѓи интереси на боиштата во поранешна Јуославија како и осумдесетината загинати бранители во војната во 2001, кои со положувањето на своите животи исто така се вградија во градењето на слободна и независна Македонија, се вели во соопштението од НДМ.

Тие велат дека сакаат да веруваат дека се работи за ненамерен превид од страна на Иванов и затоа очекуваат негово извинување.

-Во спротивно, ова предизвикува вознемиреност и остава простор за загиженост, бидејќи, значи ли тоа дека Иванов се оградува и не ги признава загинатите македонски војници на боиштата во поранешна Јуославија и загинатите бранители за време на Татковинската војна во 2001-та, прашуваат од НДМ.

Поврзани новости