НБ го усвои извештајот за финансиската стабилност во 2019 година – финансискиот сектор здрав и стабилен

by Frosina Fakova

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која го разгледа и го усвои Извештајот за финансиската стабилност во 2019 година. При тоа, како што соопштуваат, е заклучено дека во текот на минатата година, во услови на стабилен амбиент, домашниот финансиски сектор остана здрав и стабилен, а ризиците за финансиската стабилност се задржаа во умерени рамки.

-Анализите презентирани во Извештајот покажуваат добра подготвеност на домашниот финансиски сектор за справување со предизвиците од ковид-кризата. Едноставната структура на системот, ниската меѓусекторска поврзаност, отсуството на посложени финансиски инструменти и услуги, малата изложеност на прекугранични текови ја намалуваат веројатноста од прелевање на потенцијалните ризици помеѓу одделните сегменти од финансискиот систем, наведуваат во соопштението.

Додаваат дека банкарскиот сектор, кој претставува доминантен сегмент на финансискиот сектор, е здрав, стабилен и отпорен на шокови. Зајакнатите регулаторни и супервизорски барања во периодот по глобалната економска криза, во согласност со зајакнатите меѓународни и европски стандарди, придонесоа за натамошно јакнење на заштитните слоеви на капиталот и на ликвидноста на домашните банки, како основни столбови на стабилноста на секторот. Отпорноста на банкарскиот сектор на шокови се потврдува и преку спроведените стрес-тестирања, кои покажуваат добар капацитет на банките за апсорбирање шокови. Пред појавата на пандемијата домашниот банкарски сектор остваруваше стабилен и одржлив кредитен раст што се согледува и преку падот на стапката на нефункционални кредити, која се сведе на историски најниско ниво во 2019 година, и која продолжи да се намалува и во 2020 година. Внимателниот пристап на банките при управувањето со кредитниот ризик во согласност со прудентната регулатива, овозможуваат висока покриеност на нефункционалните кредити со исправка на вредноста и ограничување на потенцијалните негативни ефекти врз солвентноста на банките од нивна евентуална целосна ненаплатливост.

Капитално финансираното приватно пензиско осигурување е вториот сегмент според големината на активата во рамки на финансискиот систем, но значително, наведуваат, помал во споредба со банкарскиот сектор.

-Приватните пензиски фондови сѐ уште се во фаза на акумулирање средства, имаат релативно младо членство, мали одливи на парични средства за исплата на пензии и долг инвестициски хоризонт, што засега ја намалува изложеноста на пензиските фондови на ликвидносниот ризик, но и на клучните ризици за остварувањата на пензиските фондови – кредитниот ризик и ризикот од промената на цените на странските сопственички инструменти, појаснуваат од Народната банка.

Поврзани новости