Авион за итни медицински потреби полета од Германија за Русија за да го транспортира лидерот на руската опозиција Алексеј Навални, кој од вчера е хоспитализиран и се наоѓа на интензивно лекување поради труење, на што се сомнева.
Спасувачкиот авион бил испратен од баварскиот град Нирнберг во 3.11 часот, јави германскиот дневен весник „Билд“.
Руските лекари проценуваат дека во моментот состојбата на лидерот на руската опозицијата Навални е стабилна, но тешка, соопшти синоќа Министерството за здравство од регионот Омск, додавајќи дека специјалисти од Москва денеска ќе дојдат во Омск на дополнителна консултација за тоа дали тој може да биде транспортиран.
Претходно, руските лекари рекоа дека неговата состојба во моментов не дозволува транспорт, што наиде не жестока реакција од семејството на Навални, кои тоа го нарекоа директна закана по неговиот живот.
„Неговата состојба во моментот лекарите ја оценуваат како стабилна, но тешка“, се вели во соопштението на министерството за здравство.
Заменик директорот на болницата во Омск, во која Навални се наоѓа во моментов, Анатолиј Калиниченко одби да шпекулира со можната причина за болеста, изјавувајќи само дека во моментов се спроведуваат истражувања, без да ја каже дијагнозата.
„Тоа е најмногу што можам да ви кажам“, изјави Калиниченко во видеото емитувано на каналот ТВ Реин, близок до политичката опозиција во Русија.
Шефот на германска невладина организација соопшти дека берлинската болница „Charite“ е подготвена да го лекува Навални.
„Авионот, што се очекува да го донесе Навални до Берлин, полета со медицинска екипа“, изјави филмскиот продуцент Јака Бизил.
Се очекува Навални денеска да пристигне во Германија на лекување во болницата „Charite“ во Берлин. Трошоците за летот и за лекувањето ќе бидат платени од приватни извори.
Германската канцeлaрка Ангела Меркел побара од Русија брзо разјаснување на околностите под кои се случило претпоставнеото труење.
Навални, утринава падна во кома, а неговите соработници се сомневаат дека му е подметнат отров. Нему му се слошило за време на авионскиот лет од Томск за Москва, при што авионот принудно слетал во Омск, Сибир.