Шефот на Руската федерална казнена служба Александар Калашников потврди дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е префрлен во затворска колонија надвор од Москва, каде треба да отслужи казна од две и пол години затвор, пренесува агенцијата ТАСС.
Агенцијата наведува дека Калашников изјавил дека во казнената колонија што не ја именувал, нема опасност по безбедноста или здравјето на Навални и дека таму ќе има прифатливи услови.
– Навални ќе биде во целосно прифатливи услови. Доколку тој сака, ќе биде вклучен во производствени активности, рече Калашников.
ТАСС наведува дека судот во Москва ја замени условната казна на Навални за случајот „Ив Роше“ со вистинска затворска казна за повеќе прекршувања на казнените услови, а Московскиот градски суд ја потврди пресудата на 20 февруари и таа стапи на сила тогаш.
Адвокатот на Навални вчера изјави дека рускиот опозиционер е пренесен во затвор надвор од Москва, а руските медиуми известуваат дека Навални, кој беше привремено во најстрого чуваниот затвор во Москва, ќе биде префрлен во установа на западот на Русија