Дополнителниот министер за финансии Кире Наумов, реагира на денешното задолжување на Владата, кое иако беше најавено дека ќе изнесува 12 милиони евра сепак достигна 18 милиони евра.
-Јавниот долг заради ова темпо на задолжување ги надмина критичните 50% од БДП, граница која Меѓународниот Монетарен Фонд препорача да не се надминува. Министерот за финансии јавно се обврза дека после секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити. До сега ниту еднаш го нема сторено тоа.- вели Наумов.
Тој уште еднаш предупреди дека за неконтролираните задолжувања на сметка на граѓаните, ќе има одговорност.
На ова, со реакција се огласија од Министерството за финансии, од каде го обвинија Наумов дека манипулира со јавноста.
-Опозицијата со пласирање невистини и полувистини во јавноста ги злоупотребува аукциите на Државни хартии од вредност во пропагандни цели. Доказ за тоа е што и дополнителниот заменик министер за финансии Наумов и одредени медиуми, во настојувањето да прикажат дека државата се задолжува, испуштија да напоменат дека вчера во стопанството се вратени 12,2 милиони евра по основ на државни хартии од вредност. Доколку опозициската СДСМ смета дека овој фискален инструмент е негативен, тогаш зошто го вовеле во 2004 година и организирале аукции- стои во рекацијата од Министерството за финасии.
Инаку, Македонија го достигна историско највисокото ниво на надворешна задолженост. Заклчно со вториот квартал годинава тој изнесува 6 милијарди и 914 милиони евра или 73,1 отсто од БДП и постојано е во пораст.