Заев: Ќе му дадеме шанса на секој што се бори против режимот

by fokus

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во интервју на 24 Вести зборуваше за пратеничките листи на опозицијата и очекувањата од претстојните избори.

Опозицискиот лидер вели оти партијата ги одбрала кандидатите, давајќи му шанса на секој што се бори против режимот. Овде ја посочи и претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, која по бура реакции во јавноста се откажа од добитното пратеничко место во листата на опозицијата.

-Точно е дека Лилјана Поповска со ДОМ беше соучесник во режимот на власта, но треба да се поздрави секој кој се одважил и реагирал кога видел како се владеело. Прашањето е кој признава, а кој не и мора да ги почитуваме таквите вредности. ДОМ имаат значење за граѓаните и секој кој се спротиставил на овој режим мораме да му дадеме шанса. Таа покажа дека ова не е лична борба, се откажа од добитното место, праќајќи порака дека се работи за интересот на Македонија за таа конечно да биде ослободена- рече Заев.

Претседателот на СДСМ порача дека неговата партија е отворена за сите кои се борат против актуелната власт, а критиките рече оти се добредојдени .

-Ако шефот на партијата кога ќе каже нешто сите се подредуваат како војска, тоа е начинот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме отворени и за критики и за различни мислења- порача Заев.

Тој рече дека СДСМ постизборно би можела да коалицира со сите кои се залагаат за принципите кои опозицијата ги прокламира последниве месеци.

Поврзани новости