Дополнителниот заменик министер Кире Наумов најави дека ќе поднесе жалба до Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка при работен однос во втор степен со која ќе го оспори одржувањето на денешната аукцијата на хартии од вредност. Причина за тоа, како што се наведува во писмената изјава на Наумов, е прекршување на постапката од страна на министерот за финансии Зоран Ставрески.
Наумов пишува дека министерот Ставрески, спротивно на Правилникот за начинот и постапката за издавање и исплата на хартии од вредност, го дефинирал проспектот за аукција на државни записи и проспектите за аукција на државни обврзници за аукцијата закажана за денеска односно три работни дена пред денот на одржување на аукцијата наместо тоа да го стори пред четири дена.
Наумов веќе ја побарал целокупната документација и одлуки кои претходат на објавувањето на проспектите за аукцијата закажана за денеска предвидени во членот 49 став 1 од измените на Законот за Влада.
.„Во Правилникот за начинот и постапката за издавање и исплата на хартии од вредност (“Службен весник на РМ“ бр.99/2005,35/2007,132/2007, 68/2009 и 131/2009) донесен од страна на министерот за финансии, во член 17 став 2 стриктно е наведено дека издавачот( Република Македонија преку Министерството за финансии), најдоцна до 14 часот во работниот ден, 4 работни дена пред денот на одржување на аукцијата го дефинира проспектот за аукција на државни записи и/или проспектот за аукција на државни обврзници и преку електронскиот систем го доставува до агентот(Народна банка на РМ). Во став 3 од истиот член се обврзува агентот (Народна Банка на РМ), во 14.30 истиот ден , преку електронскиот систем да ги упати проспектите од став 2 на член 17 до сите овластени директни учесници“,стои во Правилникот на кој се повикува Наумов.
Владата најави дека ќе се задолжи со нови 800 илјади евра. Од почетокот на годината до сега власта на ВМРО ДПМНЕ на три пати ја задолжи државата со што практично покажа дека не може ни седмица да помине, а да не се позајмат пари.