По вчерашното тензично собрание на Кошаркарската федерација на Македонија кое претседателот Петар Наумоски го прекина и не ја стави на дневен ред точката за гласање за негова доверба, денеска тој се обрати преку соопштение на Федерацијата.
-Срамно е да се испревртува реалната слика, се со цел да се изманипулираат недоволно упатените, дека лошо се работи, на криминален начин или пак кажувајќи ја најголемата лага – дека ние сме ја уништиле кошарката. На вчерашната редовна седница, клубовите односно нивните претставници-делегати на некултурен начин водеа дискусија и недолично се обидуваа да наметнат некои свои измислени правила. Од еден делегат беше даден небулозен предлог – да јас бидам сменет од функцијата, но да продолжам да потпишувам записници и одлуки додека тие не изгласаат нов Претседател!, се вели во соопштението.
Претседателот Наумоски ги посочува тренерите и клубовите како најголем проблем на македонската кошарка.
-Јас, Петар Наумоски, имам доволно храброст да јавно го искажам моето видување по ова прашање:
Тренерите се проблем број еден во кошарката, па потоа се клубовите. Неквалитетна работа и кратко времетраење на еден тренинг со присуство на поголем број на деца за време на тој тренинг придонесува да тоа повеќе личи на неорганизирано улично спортување, отколку создавање на млади и перспективни кошаркари… Челниците на клубовите сето ова го аминуваат се со цел да имаат само профит и ништо друго, се убедуваат и лажат родители дека нивните деца се многу перспективни само заради финансиската заработка на клубот. Тешкиот и долготрајниот пат за создавање на млади играчи беше и е заменет со изгласување на можноста да играат шест странци па имајќи го ова предвид и знаејќи го податокот дека тие млади играчи тренираат 10-11 месеци во своите клубови, а само еден месец со репрезентациите се поставува прашањето: Како МКФ е виновна за развојот на кошарката и каде е нејзината моќ тоа да го промени?, вели Наумоски.