Ердал Ракип и Ердон Даци, кој последен влета на списокот како замена за Адис Јаховиќ, заедно со суспендираните Елиф Елмас и Тихомир Костадинов се четворицата фудбалери кои не конкурираат вечерва за настап против Италија на „Ренцо Барбера“ во Палермо.
Отсуството на Елмас ќе биде голем хендикеп за Македонија, анализира некогашниот репрезентативец Илчо Наумоски за „Фокус“.
„По пензионирањето на Пандев, Елмас сега е лидер на нашата репрезентација. Неговото отсуство ќе биде голем хендикеп за Македонија и вака шансите ни се 50-50. Но, од друга страна, секогаш кога не отпишале, секогаш сме играле на врвно ниво. Така да, мислам дека момците ќе одиграат на високо ниво, па макар и на пенали, но се надевам дека ќе славиме победа“, вели Наумоски.
Тој се присети на моментите кога обложувалниците типувале дека Македонија ќе добие „петарда“ во мрежата од силни репрезентации, но секогаш не се остварувале таквите најави.
„Кога игравме и со Англија и со Хрватска, мислеа дека ќе изгубиме со три, четири гола разлика. Но, нас не краси некој инает, некој балкански менталитет и си силни селекции, играме силно. Добро е што сме аутсајдер, мирно ќе излеземе на теренот. Мислам дека шансата треба да ја бараме во италијанската одбрана“, додаде Наумоски.
Фото – МИА
Јорданчо Цветаноски