Хрватскиот научник Кристијан Рамадан, кој е професор по молекуларна медицина на Универзитетот во Оксфорд, вели дека се појавила и нова мутација на британскиот вид на коронавирус, која ја нарекува супер-сој.
Британската варијанта на вирусот беше откриена во декември 2020 година и последниов месец стана доминантен вид, бидејќи повеќе од 50 проценти од луѓето се заразени со неа, пишува „Јутарњи“.
-Исто така, откриено е дека овој британски вид има мутација што потекнува од јужноафриканската варијанта. Сега имаме нов супер-сој на британската варијанта со јужноафриканска мутација, кој би можел да избегне имунолошки одговор, вели Рамадан.
Тој додава дека Велика Британија го вакцинира населението со голема динамика и дека досега се вакцинирани 13 милиони луѓе. Околу 15 милиони луѓе се очекува да бидат вакцинирани до средината на февруари.
Во однос на вакцината од „Астразенека“, Рамадан вели дека таа е подеднакво ефикасна како и другите вакцини и дека последните податоци покажуваат оти истата штити и создава еднаков имунитет кај сите возрасни групи, пренесува ХРТ.
Најновите клинички испитувања покажуваат дека ‘Астразенека’ развива имунитет по околу 20 дена во 76 проценти од случаите по првата доза, а по втората доза штити и до 85 проценти од случаите.
Прашан дали појавата на новиот вид најавува трет бран на епидемијата, Рамадан вели дека тоа ќе зависи од ограничувачките мерки кои ќе ги воведат земјите.