Текстот е објавен на 4 мај 2012 година во неделникот „Фокус“.
Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ
Август на Балканот отсекогаш бил пеколен месец, период во кој луѓето од метрополата одат на летување, а тие што имаат обврски, ги даваат последните атоми сила за да сработат нешто. И додека мртвиот месец министрите го користат за годишен одмор на некоја од најблиските плажи, да се освежат од новите бранови, премиерот е во својата канцеларија и како секогаш одблиску ги набљудува градежните работи.
Овој пат посветен е на реконструкцијата на владината зграда и фоторепортерите го уловија во внатрешноста на објектот меѓу работниците и нивните алати, додека на надворешната страна од трошната зграда веќе се поставуваа скелињата.
Владата обезбеди 120.000 евра, релативно непозната фирма-изведувач и дозвола од конзерваторите за обнова на инвентарот кој достигнува и до 25 години старост. Целиот процес треба да финишира со нова фасада на Владата.
Можеби си мислите дека ова е новинарска приказна од блиската иднина во која зградата на македонската Влада треба да добие нов и сосема поинаков (барокен) лик, но наше е да ви кажеме дека, сепак, ова се случуваше во исто така не многу далечното минато.
Значи, немаме временска машина ами само пристап до интернет преку кој се запознавме со реновирањето на Банските двори во летото 2008 година, период во кој Иво Санадер ги трошеше последните месеци во премиерската фотелја.
МАЧЕК Е ДЕЛ ОД АФЕРАТА ТЕШКА 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Банови дворови е барокна еднокатница на Марковиот плоштад во Загреб, во чиј склоп денеска се наоѓа седиштето на хрватската извршна власт. Токму таму во 2009 година, според загрепските медиуми, за последен пат се сретнале Санадер и Ратко Мачек, портпаролот во Владата на ХДЗ и човекот кој од обичен дописник од Вараждин прерасна во најголемиот хрватски спин-доктор.
Три години подоцна средбата меѓу експремиерот и неговата десна рака се случи на не толку удобните столици во загрепскиот суд каде Санадер и Мачек како обвинети се дел од најголемиот антикорупциски процес на Балканот посветен на случајот „Фими медија“.
По 18-месечната истрага на хрватското одделение за борба против криминалот УСКОК, формирано е обвинение за четири компании и седум лица вмешани во аферата. Весниците објавуваат дека целиот случај тежи 60.000 страници додека самото обвинение е распослано на 570 листови и оти постојат 200 сведоци. Обвинителството тврди оти само од овој организиран криминал државата изгубила 64 милиони куни или некаде околу 8,5 милиони евра.
Санадер како прв и Мачек како трет обвинет во овој случај се товарат дека тие како владини претставници побарале од директорите на државните фирми и јавни претпријатие да се огласуваат во „Фими медија“ и да купуваат од уште две компании, а подоцна парите од овие зделки завршувале дел во приватни џебови дел во касата на тогашната владејачка партија ХДЗ.
Со испраните пари се формирал и црниот фонд на санадеровци и затоа денеска ХДЗ е првата партија во Хрватска која застана на обвинителната клупа. Покрај врз доказите овој случај се темели и врз исказите што за УСКОК ги дале поранешниот таканаречен „ризничар“ на ХДЗ Младен Баришиќ и експартиска сметководителка Бранка Павошевиќ – двајцата ја признаа вината и буквално „пропеаја“.
Токму сметководителката на ХДЗ сведочеше за начинот на кој се работело во нејзината партија и како што самата и призна на истрагата – „ништо во партијата не можело да се направи без наредба од Санадер“.
Таа раскажа дека кога дошле на власт во 2003 година ХДЗ била партија со финансиски проблеми, но подоцна таканаречените донации во црни вреќи просто ја преплавиле нејзината канцеларија. Дури во една прилика лично Санадер и донел 2 милиони куни во кеса за подароци.
Сметководителката уште кога пристапила во партијата ја предупредиле дека десната рака на Санадер, Ратко Мачек е „бог и батина“ и оти треба да се следат и неговите наредби. Таа помни оти во 2005 година за време на претседателската кампања на Јадранка Косор (во која беше поразена од Стипе Месиќ) по налог токму на Мачек партијата трошела многу повеќе отколку што е јавно прикажано.
Наводно најпознатиот спин-доктор во Хрватска лично од црните фондови на ХДЗ извадил 1,3 милиони евра за потребите само на оваа претседателска кампања. Вредно е да се спомене дека освен Санадер и Мачек сите други обвинети во аферата околу „Фими медија“ ја признаа вината.
СОРАБОТКАТА СО „СЈАЈНИОТ“ ВМРО-ДПМНЕ
Покрај извлекувањето на пари преку маркетинг фирми, на душа на Мачек се става и контролата врз локалните медиуми во северозападна Хрватска како и аферата со изградбата на една од најубавите спортски сали на Балканот загрепската „Арена“.
Имено, ако може да му се верува на распеаниот „ризничар“, Младен Баришиќ дури два милиони евра наменети за изградбата на спортскиот центар завршиле во црниот фонд. И како што тврди Баришиќ, оваа најголема поединечна и нелегална трансакција не поминала без учеството на тогаш веќе ултрапопуларниот Мачек.
Хрватскиот спин-доктор прв пат во корелација со македонската владејачка „странка“ се доведува за време на првите предвремени парламентарни избори кога во 2008 година Никола Груевски мораше да оди на гласање оти пратениците од опозицијата наводно го кочеле во сточекорењето.
Тогаш медиумите во Загреб објавија дека за кампањата на коалицијата „Сонце“ е задолжен хрватскиот пи-ар стратег Крешимир Мацан, додека советник на ВМРО-ДПМНЕ бил никој друг ами лично и персонално Ратко Мачек.
„Т-порталот“ тогаш пренесе оти и десната рака на Санадер и партијата на Груевски ја демантирале оваа информација, но овој њус-сајт веројатно бил убеден во доверливоста на своите извори и затоа тогаш потсети оти изборните слогани на двете партии страшно потсетувале еден на друг. Па така паролата „ХДЗ знае“ прераснала во „Македонија знае“, а слоганот на санадеровци „Одиме понатаму“ страшно потсетувал на оној вмровскиот „Преродбата продолжува“.
И ако не знаеме дали Мачек ја дал идејата „Преродбата“ да стане проширена и надградена можеме да претпоставиме оти токму овој пи-ар гуру стои зад еден друг потег на Груевски. Имено, весникот „Слободна Далмација“ во текст посветен на наводниот ангажман на Мачек во Скопје пишуваше дека Груевски исто како Санадер одбил соочување со, како што овој медиум пишува, борбената противничка Радмила Шеќеринска.
Овој респектабилен весник објави и изјава на противникот на Мачек, Крешимир Мацан кој потврди дека поранешниот гласноговорник на санадеровци бил дел од изборите во Македонија и по победата на ВМРО-ДПМНЕ имало и преписка меѓу нив – Мачек по СМС му се фалел оти во избори му води 4-0.
Сепак, спин-докторот од Вараждин наводно бил скромен и секаде зборувал оти не е тој одговорен за победата на Груевски, ами „сјајниот ВМРО-ДПМНЕ“.
ОМИЛЕНИОТ „АГРОКОР“ ВО КАМПАЊА ЗА ВМРО
И доколку пишувањата на хрватските медиуми навистина немаат ништо со реалноста нам тешко ни е да поверуваме дека лаже ВМРО-ДПМНЕ и тоа на нивниот (сега веќе стар) сајт.
Неколку месеци пред локалните и претседателските избори во Македонија во 2009 година кандидатите на владејачката партија присуствувале на политичка академија која била организирана од институтот „Павел Шатев“ во соработка со фондацијата „Кондрад Аденауер“.
Меѓу предавачите на овој семинар, како што открива сајтот на ВМРО-ДПМНЕ, е и Ратко Мачек, поранешен портпарол на Владата на Хрватска. За сите оние што не им веруваат на властодршците и на нивните писанија за секој случај истата вест во февруари 2009 ја објавила и државната новинска агенција МИА.
Како што нормално бива политичките врски се следени од оние во бизнисот и секогаш, ама без исклучок, секогаш пред избори политиката и бизнисот се преплетуваат.
Баш во еден од оние предизборни спотови кои финишираат со прилично хдз-овскиот слоган „Македонија знае!“ се појавува и заменичката на првиот човек на „Агрокор“ Ивица Тодориќ. Таа во видеото говори дека влезот на „Агрокор“ во Македонија е идеја на Владата на Груевски и воопшто не штеди добри зборови за ангажманот на вицепремиерот Зоран Ставрески околу овој проект.
Интересно е дека одбраната на Санадер покрај естрадните ѕвезди од типот на Марко Перковиќ – Томсон и Мишо Ковач, побарала како сведок да се појави и Ивица Тодоровиќ. И додека адвокатот на Санадер објаснува оти пејачите треба да ги негираат наводите дека зеле пари од црните фондови на ХДЗ, новинарите во Хрватска не успеаа да дознаат по кој повод во судот треба да се појави сопственикот на „Агрокор“.
Ако веќе треба да се бара некаква врска меѓу Санадер и агрокорците во таа потрага многу би помогнал текстот на порталот „Индекс ХР“ во кој детално е опишана бизнис релацијата на „Агрокор“ и на хдзовци.
Порталот потсетува дека владата на Санадер ги отпишала долговите на земјоделските комбинати ПИК „Белје“ и ПИК „Врбовац“ веднаш штом ги презел „Агрокор“.
Станува збор за обврски што ги имале овие фирми во вкупна вредност од 40 милиони евра и кои државата едноставно им ги „заборавила“.
Поволностите за Тодориќ не престанале со промената на премиерското место во Бански двори. Јадранка Косор, според „Индекс ХР“, во 2010 година и отпишала милионски долг на уште една, трета по ред компанија на Тодориќ.
Покрај овие поволности сајтот потсетува дека во времето на ХДЗ долго време се толерирала паралелната валута, односно плаќањето во бонови во „Конзум“, фирма која исто така е дел од империјата на „Агрокор“.
МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД БАРОКОТ
Ако конечно ја вклучиме временската машина и скокнеме една година ќе видиме дека идното лето додека сите одмараат премиерот Груевски како и секогаш ќе нема време за плажа и ќе биде на своето работно место, иако во меѓувреме од нигде-никаде ќе добие бронзен тен на лицето. Не се сомневаме оти прв ќе ги обиколи работниците што ќе ја менуваат фасадата на владината зграда и оти државната агенција МИА тоа ќе го овековечи со фотографии.
Според сегашните најави во август догодина треба да финишира барокната фасада на поранешната Це-ка и за ова сме горе-долу сигурни дека ќе се случи, но дали и остатокот од хрватската приказна ќе се повтори тоа останува да видиме. Се зависи од тоа колку и што груевци „купиле“ од спин-докторот на Санадер!
Така оди тоа
АПСОЛВЕНТ СО СКРОМНА ПЛАТА И СО КРАЛСКИ ИМОТ
Хрватскиот спин-доктор на судењето за „Фими медија“ се изјаснил дека е обичен апсолвент со плата од 6.000 куни (800 евра), но на рочиштето „заборавил“ да спомене дека е сопственик на имот кој се протега на околу 9.5000 квадратни метри. Четириесет и пет годишниот Мачек едноставно сметал дека не треба да каже оти на негово име има куќа со сауна, конференциска сала, вински подрум и паркинг доволно голем за да може да слета хеликоптер.
Медиумите открија дека не само што овој имот е на негово име, ами и врз земјиштето нема никаква хипотека што значи дека го купил во кеш. Мачек на новинарите подоцна им објаснил оти немал намера да го пријави имотот бидејќи тој и припаднал на сопругата откако тие се развеле. Проценките се дека хациендата и парцелата вредат околу 200.000 евра.
За опозицијата има
МАКЕДОНСКА „ФИМИ МЕДИЈА“?
Опозицијата често тврди дека македонската влада со маркетинг агенцијата „Република“ го прави истото што санадеровци го работеа со „Фими медија“, а слични обвинувања имаше и за „Томато“, продукцијата која работи на изборите на ВМРО-ДПМНЕ. Газдата на „Република“, Иван Пешев во можеби неговата последна изјава пред да почине за „Фокус“ рече дека споредбата со „Фими медија“ е навредлива оти хрватската компанија била човек-фирма. Сопственикот на „Томато“ Бане Поповиќ исто така за нашиот неделник демантираше дека документарците што ги снимал за МРТВ се еден вид компензација за тоа што работи за изборните кампањи на властодршците.