Пишува: Ана ПАНОВСКА
Ете, и тоа бидна. Албанец премиер! И што ќе биде сега? Што значи изборот на Талат Џафери за претседател на Владата на Република Северна Македонија за нас, Македонците, а што тој избор значи за Албанците, па и за сите други етнички заедници што живеат во оваа земја?
НИШТО! Ама баш ништо. Затоа што тоа, националното, не бара и не содржи никаков општествен критериум што би требало да биде одлучувачки во добивањето на високите раководни функции во државата.
Се бараат други квалитети и особености кои одредуваат дали некого ќе го биде или не.
Како претседател на Собранието Талат Џафери се покажа како доста спокоен и стабилен политичар, кој успеваше, и покрај сите тешки опструкции, блокади, вувузели, од страна на опозицијата, ладнокрвно да ја турка работата на Парламентот, кој успешно ги прегрми годините на пандемијата, па набргу мерките на Владата со економските пакети, енергетската криза и најгорливите прашања што им претходеа на зачленувањето во НАТО и на започнувањето на преговорите со ЕУ, за кои, за жал, остана без здив чекајќи ја опозицијата да се смилува и да ја ослободи оваа држава да почне еднаш слободно да дише.
Како и да е, изборот на Талат Џафери предизвика поделеност и меѓу Македонците и меѓу Албанците.
Едни Македонци тешко го доживуваат тој чин и се трудат да го прикажат како страшен пораз, предавство и срам за македонштината и за македонската држава, додека, пак, другите се трудат да се приспособат на суштината и карактерот на една мултинационална држава во која националноста што доаѓа со самото раѓање на единката не би требало да има никаква пресудна улога при извршувањето на значајните државни функции.
ОД ДЕЗЕРТЕР ВО НАТО
Во случајов битни се способностите, знаењето, политичката умешност и заложбата на Џафери за спроведување на една течна меѓуетничка комуникација која ќе обезбеди намалување на меѓунационалната напнатост во државава која, како што наближуваат датумите на изборите, сѐ повеќе ќе расте, ќе се заострува, ќе станува се понервозна, а не се исклучени ни блиски средби и меѓу раскараните, внатре во посебните етнички трла.
ВМРО-ДПМНЕ и овој пат се преигра и како и секогаш покажа дека има кратко памтење.
Удрија по Талат, небаре како за него првпат да чуле последниве години откако им го „натури“ СДСМ како претседател на Собранието!!!
Па, луѓе, првата промоција како политичар кој високо котира Талат Џафери ја имаше во Владата на ВМРО-ДПМНЕ со неговото назначувањето на чело на Министерството за одбрана, највисоката функција според владиниот протокол, веднаш зад премиерот.
Сакајќи до крај да го обезвреднат, тие сега се повикаа на делови од неговата професионална биографија, нарекувајќи го „неколкукратен дезертер“! Супер!
Значи, човекот еволуирал. Дезертирал од ЈНА , па продолжил во ОНА, па од ОНА, преминал во АРМ како министер за одбрана и сега најверојатно е преминат во НАТО!!!
Но тоа не е крај. Еден од поагилните, пробивни и речити опозиционери, кој постојано се врти по телевизииве, анализира дека Џафери и сите Албанци во земјава, всушност, ја тераат руската агенда според која Македонија ќе била жртва за сметка на големото албанско−српско помирување!!!
НЕДОЛИЧНА РЕТОРИКА
Можеби Македонија и ќе стане жртва, но не на Русија, туку на големиот, на најголемиот светски играч доколку и натаму сучиме мустаќи и се правиме поголем папа од папата.
Дека сѐ уште сме на макадамскиот пат кој со труцкање нѐ води во националистичко-популистичката бара се виде и од триумфализмот на ДУИ, божем најумерената партија на Албанците во Македонија, со кој во патриотски занес го одбележа изборот на Џафери за „прв премиер Албанец“ на македонската влада.
„Историски триумф на Албанците во Македонија“! ДУИ отиде дотаму што изборот на Џафери си го припиша како нејзин успех во борбата за сеалбанската кауза насекаде низ Балканов каде што живеат Албанци.
Недолична реторика која ги дразни дури и умерените Македонци, коишто во ваквите изливи на националистички „триумф“ гледаат нешто што веќе го имаат видено во раните деведесетти кај еден лидер од соседството кој се занесуваше дека е закрила на сите „негови“ каде и да се распространети по балканскиве простори.
Опасна авантура која лошо заврши и за него, но и за „неговите“ од другите краишта што ги зеде на душа.
Но, се надевам дека сета оваа еуфорија ќе спласне како предигра и загревање пред изборите. А во официјалната кампања овој пат чинам ќе го видиме најбруталното и највалкано лице на политиката досега. И пак ќе речам, само да биде мирно, без тепачки