НАТО: Приемот на Северна Македонија покажува дека мултилатерализмот треба да се зајакне

by Fokus

Македонија денеска учествуваше на својот прв министерски состанок како полноправна членка на НАТО Алијансата, министерски кој се одржа преку безбедна видео врска помеѓу триесетте министри за надворешни работи на НАТО и генералниот секретар, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.

Столтенберг уште еднаш го поздрави зачленувањето на Македонија и тоа во време на криза и истакна дека тоа преставува важен сигнал и за регионот и за Алијансата.

– Ова покажува дека во неизвесни времиња мораме да ги зајакнеме мултилатералните институции, глобалните предизвици бараат глобални одговори, и кризата со ковид-19 тоа јасно го покажа, изјави шефот на Алијансата.

Главна тема на разговорите очекувано беше здравствената криза со корона вирусот ширум светот, за која се мобилизираат и воените капацитети на земјите членки на НАТО, за координација на напорите, транспорт на пациенти и обезбедување медицинска опрема за прва помош.

– Воениот персонал им помага на сојузниците со медицински транспорт, евакуација, транспорт на пациенти, објасни Столтенберг.

Напорите се координираат преку координативниот центар на Алијансата, а повеќе земји веќе на дело ја покажале соработка, преку мобилизирање на воздухопловните капацитети за транспорт, меѓу другото.

Врховниот командант на НАТО, генералот Волтерс, има задача да ја следи состојбата и да ги идентификува потребите во земјите, да обезбеди дека медицинските опреми се испорачуваат и да помогне во спојување на земјите кои имаат одредени потреби со оние земји кои ги имаат на располагање.

Јасно е дека не сите земји кои се погодени се наоѓаат во истата фаза на кризата, ниту имаат исти потреби, ниту пак пикот на пандемијата ќе го дочекаат во исто време, поради што е многу важно да се координираат постојано напорите за да се олесни превозот на пациенти и испорачување на материјалите.

Кон средината на април ќе се одржи нов министерски состанок, овој пат на министрите за одбрана на НАТО за да се ревидира поддршката ако е тоа потребно и да се почне со проценка на долгорочните импликации на оваа глобална здравствена криза, порача генералниот секретар.

Поврзани новости