Северна Македонија во НАТО, членство во право време

by Фокус

Пишуваат
проф. д-р Ирина Чудоска-Блажевска
проф. д-р Густаво Сарагоса – Пасквал

Македонија влегува во НАТО, токму во моментот кога непријателот е внатре и се води војна против невидлив непријател. Токму во времето кога одекот на неговото чекорење врз територијата на европските земји е се погласен, а брзината и големината на неговите чекори влева една добро концентрирана смеса на страв и неизвесност која целосно го обзема населението, помеѓу граѓаните на Република Северна Македонија одекна надеж и радост.

Во само три дена, оваа мала балканска земја стана членка на НАТО сојузот на 27 март и доби позитивна одлука за почеток на преговори со ЕУ на 24 март. Конечно, таа доби признание за капацитетите и политичката волја, за тешки политички одлуки, промена на уставното име и решавање на долгогодишните спорови со своите соседи. Но, пред се, ова е признание за истрајноста, пример дека 15 години од статус на кандидат за членство до дозвола за почеток на пристапни преговори со ЕУ и 25 години за членство во НАТО не беа залудни.

Парадоксално, но додека земјите од ЕУ се чувствуваат осамени и напуштени во борбата со невидливиот непријател, Македонија се чувствува посигурно во прегратките на новиот пријател – НАТО и без страв дека ќе се зарази ја стега подадената рака на ЕУ.

Како и во секоја долготрајна врска, и двете страни учествуваат со давање и примање. Покрај останатиот придонес, како и учеството на македонската армија во мисиите на алијансата, Северна Македонија веќе применува „алатки“ за нови генерации на инциденти за командни системи (NICS) за борба против пандемијата за координирање на активностите на институциите во борба со пандемијата и за обезбедување информации и совети во вистинско време..

Додека европските граѓани, покрај за безбедноста и здравјето се загрижени и за економските последици, Македонците се сигурни дека иднината на државата е посигурна, стабилноста е гарантирана, отворени се можностите за демократски развој, напредок, економски напредок, нови работни места и инвестиции.

Секако дека има и критичари, оние кои потсетуваат на кршења на повеќе одредби на меѓународното право, правото на самоопределување, понижувачките отстапки и барањата без преседан. И можеби имаат право, но очигледно е дека внатрешните правила на „клубот“ во којшто се бара членство се првенствени. Влезот е тежок, но придобивките се взаемни и неспорни.

Но, исто така неспорно е дека Ковид-19 е предизвик кој, како што ја проверува виталноста на човечкиот организам и издржливоста и капацитетот на белите дробови, исто така ја проверува виталноста на „клубовите“ и издржливоста и капацитетот на вредностите врз кои се создадени, како солидарноста, сплотеноста и меѓусебното поврзување на државите.

Во секој случај, нема сомнеж дека се соочуваме со настан во кој се приближуваат надежите на мала земја со кратка историја на независност, со достигнувањата на голем сојуз на силни обединети земји што имаат капацитет да донесуваат одлуки од широк меѓународен обем, заеднички да воведуваат толку релевантни аспекти како заедничка валута или меѓународната политика и која сега минува низ кризни моменти.

Можеме да констатираме дека настаните, тешките моменти ги претворија во историски, исцртувајќи една љубопитна панорама на позитивна верба во иднината. Или надеж во проблематични времиња. Заклучокот се надоврзува сам по себе како за членството така и за вирусот, преку слоганот на НАТО за неделивост „сите за еден и еден за сите“.

Поврзани новости