Претседателот на САД, Џо Бајден, пред почетокот на лидерскиот самит на НАТО, пред новинарите изјави дека членот пет од Повелбата на Северноатлантската алијанса е света обврска за неговата земја.
Ова е првиот самит на НАТО за Бајден како претседател на САД, тој најави дека “САД се враќа“ во Алијансата како и во меѓународните односи, по четиригодишниот мандат на неговиот претходник кој предизвика тензии со сојузниците на НАТО.
Тој инсистираше на важноста на членот пет од Повелбата на НАТО кој гласи дека напад врз една земја членка е напад врз сите.
-Членот пет за нас е света обврска. Кога Америка беше нападнати сите направија исчекор и го испочитуваа членот пет, сакам цела Европа да знае дека САД е тука, рече Бајден.
Лидерите на НАТО ќе ја прошират примената на клаузулата за колективна одговорност односно членот пет од Договорот за основање на Алијансата „сите за еден, еден за сите“, така што членките на Алијансата ќе бидат подготвени да одговорат на вселенски напади, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според членот пет од основачкиот договор на НАТО напад врз кој било од 30-те сојузници ќе се смета за напад врз сите нив.
Скоро 2.000 сателити кружат околу Земјата, а повеќе од половина се управувани од земјите-членките на НАТО. Воените команданти се потпираат на некои од нив за навигација, комуникација и размена на разузнавачки информации. Многу земји-членки се загрижени за, како што истакна Столтенберг, од се поагресивното однесување на Кина и Русија во Вселената.
Се очекува НАТО денеска да издаде соопштение во кое и официјално ќе ја означи Кина како безбедносен ризик.