НАТО ќе и помага на БиХ да се справи со руското влијание, Македонија ќе споделува искуства

by fokus

Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на вчерашниот состанок одобриле посебни пакети за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија за помош во насока на справување со руското влијание во овие земји, брифираше за „Фокус“ претставник на НАТО.

Овие три земји кои се партнери на НАТО на Самитот во Мадрид биле препознаени како партнери во ризик, на кои треба да им се обезбеди помош за одбрана од руското влијание.

Како што брифираше НАТО претставникот, трите земји се многу различни и затоа има три пакети за помош за секоја од земјата, а фокусот на истите е различен.

Со Грузија имаме долга и длабока соработка, земјата учествува во мисиите на НАТО, особено во Авганистан, каде во еден момент и беше земја партнер со најмногу војници. Со Босна степенот на поддршка досега беше поскромен, имаме канцеларија во Сараево, каде имаше некаков вид на поддршка во форма на совети, тренинг и менторирање.
Сега ќе се зголеми таа помош во одбранбениот и безбедносниот сектор. Целта е да се зајакнат структурите на федерацијата во овие сектори, рече претставникот на НАТО.

Тој нагласи дека во Босна и Херцеговина нема закана за окупација од Русија, додека делови од Грузија и Молдавија се веќе под руска окупација. 20 отсто од територијата на Грузија е под руска окупација.

Што се однесува на пакетот за БиХ, неговиот фокус е да се работи на капацитетите за менаџирање на кризи, а покрај тоа ќе се помага и во делот на сајбер безбедноста, борбата против тероризмот, подобрување на инфраструктурата, како и помош во специјални возила.

Македонија, како и другите членки на НАТО ќе биде вклучена во спроведување на овие пакети за помош, особено во делот на споделување искуства, како земја која се има соочено со слични предизвици во минатото.

Владата на Северна Македонија треба да одлучи на кој начин ќе може да помогне, секако ќе работиме со Владата на ова. Досега имаме добра соработка. За пакетот на Босна ќе се обратиме до Северна Македонија за споделување искуства, рече НАТО претставникот.

Во однос на постојаните лажни закани за бомби во училиштата и во други објекти во Македонија, претставникот на НАТО кусо одговори дека Македонија има целосен пристап до сите заштитни механизми на НАТО како и останатите земји членки.

За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости