Министрите за надворешни работои на земјите-членки на НАТО ја повторија условената покана за членство на Македонија од Самитот во Букурешт во 2008 година, но и ја потврдија политиката на „отворени врати“ на Алијансата.
– Ја повторуваме цврстата посветеност на НАТО на евроатлантските интеграции на БЈР Македонија. Ние го цениме нејзиниот непоколеблив придонес за нашите операции и нејзината долгогодишна посветеност на процесот на пристапување во НАТО. Ние ја потврдуваме нашата одлука донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а повторена на последователните самити дека НАТО ќе испрати покана на БЈР Македонија веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение за прашањето за името во рамките на Обединетите нации. Ние продолжуваме да ги интензивираме своите напори кон таа цел“, се наведува во декларацијата на НАТО-министрите во делот за Македонија.
Инаку, покана за членство во НАТО доби Црна Гора, која доби честитки и од македонскиот државен врв, чии претставници воедно изразија уверување дека и земјава наскоро ќе го добие заслуженото членство во Алијансата.