ЌЕ СЕ ПРЕРОДИ ЛИ ЗЕМЈАТА ОД ГРУЕВИСТИЧКАТА ,,ПРЕРОДБА’’?

by Фокус

Драган Алчинов

Република Македонија во април ќе се соочи со својот најголем избор во својата понова историја. Изборите закажани на 24-ти април не се избори за тоа кој ќе дојде на власт, а кој ќе биде во опозиција. Тие избори со сигурност нема да бидат еден прост пренос на власта од една партија на друга партија како што беше до сега.

Пред нас стои еден голем и тежок процес. Над Македонија виси еден голем знак прашалник. Едно сериозно прашање се поставува пред нас: во каква земја сакаме да живееме? На ова прашање секој еден од нас ќе треба да го даде својот одговор.

АКО ЛИЦЕТО Н.Г. БИДЕ НА СЛОБОДА

Како што веќе реков, на 24-ти април нема да одлучуваме за тоа кој ќе биде премиер, а кој ќе биде во опозиција. Тој ден нашиот глас ќе значи многу повеќе отколку што значел било кога досега. И затоа сите ние треба да вложиме време и внимание и да размислиме подлабоко за целата ситуација во која се наоѓаме. Се надевам дека во овој текст ќе успеам да го појаснам големото прашање кое ни се поставува и да ги опишам двата избори, двете опции кои стојат пред нас како потенцијални одговори на тоа прашање.

Како прво, прашањето кое стои пред нас, не е само за тоа кој ќе добие мандат за да формира Влада. Можеби до сега и беше така, но во април прашањето не е дали сме СДСМ или ДПМНЕ. Прашањето е дали сакаме да живееме во држава која ја остварува својата основна задача- да ја постигне правдата- или сакаме да живееме во држава без правда, без права, без ред и во тотален хаос.

Првиот избор ни е повторно да му дадеме мандат на Никола Груевски. Се разбира овде има едно големо ,,ако’’.  ,,АКО’’ Никола Груевски биде на слобода. Тоа е првата опција која ја имаме. Но, што таа опција значи? Ако лицето со иницијали Н.Г. биде на слобода и ако добие можност од својата партија да се кандидира и ако му дадеме мандат да ја води Владата (премногу ,,ако’’ има во оваа реченица!)- тогаш тоа ќе значи дека ние повторно му даваме легитимитет на целиот криминал и корупција, на тоталитаризмот, на сите кршења на човековите права и слободи, на дерогацијата на уставниот и правниот систем, на сите лаги и манипулации…  за кои со свои уши слушнавме, со свои очи видовме и на своја кожа ги почувствувавме.

РЕЛАТИВИЗАЦИЈА НА ЗЛОТО

Ако му дадеме уште еден мандат на Груевски- тогаш слободно можеме да го смениме Уставот и да го поставиме него како наш вечен и совршен лидер, притоа бришејќи се’ што е поврзано со демократија, права и слободи и уредување на политичкиот систем. Во таков случај нема потреба да одржуваме избори, нема потреба од опозиција и нема потреба од дискусија. Груевски од народниот суд ќе добие конфирмација на неговите политики и криминали и ќе биде охрабрен да продолжи истите да ги спроведува. Тоа е формулациата на првиот избор кој стои пред нас.

Вториот избор ни е да го собориме Груевски и да ја дадеме својата доверба на некој друг. Притоа, правосудниот систем треба да изнајде сили да ја заврши својата обврска и да го санкционира секое прекршување на законот од страна на секого- вклучително и моменталната, а тогаш веќе екс- власт. Со тоа ние како држава и како општество ќе покажеме дека сме цврсто убедени дека начинот на кој Груевски ја спроведуваше власта е погрешен и дека секој кој ќе се обиде да ја практицира власта на ист или сличен начин- ќе биде тргнат од власт и ќе одговара за своите постапки.

Стратегијата на ДПМНЕ многупати до сега се менуваше, но една нишка од нивната стратегија остана непроменета. Со години наназад тие ги добиваат изборите со релативизирање на нештата во политиката. На секое обвинување од страна на опозицијата, власта одговара со ,,Ама во ваше време…’’. Секогаш кога на некој соговорник од власта ќе му посочам на сите ужаси на владеењето на Груевски тој/таа ќе ми реплицира со: ,,Политиката секаде е таква, сите политичари се исти. Што ако дојде Заев– зар тој нема да ги прави истите работи како и Груевски?’’

И релативизацијата стана последниот бастион на Груевски и на ДПМНЕ. Тие успеваат да го убедат народот дека затоа што ,,сите се исти’’ и затоа што ,,Заев не е подобар од Груевски’’- дека всушност нема потреба од промена на власта, зашто тоа нема да придонесе за поинаков квалитет на животот. Но, како и многу други сегменти од политиката на ДПМНЕ, така и релативизацијата на политиката и на доброто и злото- е многу погрешна!

ИЗБОРОТ Е САМО НАШ

Имено, точно е дека СДСМ и Заев немаат магично стапче преку ноќ да ги подобрат состојбите во државата. Бидете сигурни дека на 25-ти април во слободна Македонија нема да тече мед и млеко. И бидете сигурни дека идната власт ќе треба да решава горливи проблеми во кои ДПМНЕ ја доведе нашата земја. Исто така, ниту Заев не е совршен лидер и човек, ниту пак СДСМ е совршена партија. Точно е дека и во време на нивното владеење ќе има погрешни одлуки и нешта кои нема да се направат на најдобриот можен начин. Тоа е нормално. Сите ние сме луѓе од крв и месо и сите правиме грешки.

Имајќи го на ум горекажаното, важно е да се напомене дека работите после 24-ти април, кога Македонија конечно ќе се ослободи од стегите на режимот, ќе започнат да се менуваат на подобро. Народот ќе почувствува промена во насока на тоа дека старите центри на моќ ќе ја изгубат власта. Правдата ќе почне да се остварува- оние кои се огрешиле пред законот ќе го добијат заслуженото. Оние кои биле онеправдани од режимот, ќе почувствуваат што значи да бидат рехабилитирани. Земјата ќе се прероди од груевистичката ,,Преродба’’. Сите ние, вклучително и членовите на ДПМНЕ, ќе почувстуваме што значи да се живее во нормална држава.

Но, она што е најважно во целиот процес е дека граѓаните на Македонија ќе покажат дека се спремни да ја бутнат од фотелјата власта која се огрешила пред законот и пред нив. Како Дамоклов меч ќе виси над секоја идна власт сеќавањето дека народот еднаш го собори од власт недопирливиот и се’моќниот Груевски и дека истото ќе ја снајде секоја власт доколку тргне по неговите стапки.

И ако можеше се’моќниот Груевски да ја загуби моќта и ако недопирливиот Груевски падна во рацете на правдата- тогаш секој ќе знае дека правдата ќе го стигне и него. Тоа ќе делува превентивно кон секој иден премиер и кон секој функционер- јасно предупредување дека ако се огрешат пред законот и тие како и Груевски ќе бидат санкционирани и дека порано или подоцна правдата ќе победи!

Април изгледа далеку, но не е. Климатската пролет ќе донесе и политичка пролет во Македонија. Се разбира- доколку ние одлучиме така. Изборот стои пред секој еден од нас. Двете можности се јасни- или ќе му дадеме легитимитет на Груевски и на сето она за што тој стана синоним или ќе му дадеме рестарт на системот и ќе испратиме јасна порака до секоја идна власт. Изборот е само наш.

Поврзани новости