НАТО ја критикуваше Москва за нејзината „опасна и неодговорна“ нуклеарна реторика, откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
-НАТО е буден и ние внимателно ја следиме ситуацијата. Не видовме никакви промени во нуклеарната позиција на Русија што би нè навело да ја прилагодиме нашата сопствена – рече портпаролот на одбранбената алијанса.
Тој ги критикуваше коментарите на Путин во саботата кои го споредија распоредувањето на руското нуклеарно оружје во Белорусија со стационирањето на нуклеарното оружје на САД во Европа како дел од одбранбената алијанса на НАТО.
-САД тоа го прават со децении. Тие одамна го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на териториите на нивните сојузници, земјите на НАТО, во Европа – рече претходно Путин.
САД пак соопштија дека не веруваат дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, а високиот претставник на ЕУ Борел оцени дека доколку Белорусија прифати руско нуклеарно оружје, тоа би значело неодговорна ескалација и закана за европската безбедност.