Наташа Малинкова: Со Кире не знам што е тоа љубовно разочарување!

by Fokus

Не сум разочарана во љубовта, напротив, уживам во секој миг поминат со мојот сопруг Кире, кој ми е сродна душа, но сепак се решив да им посветам песна на сите оние кои доживеале љубовно разочарување – вели поп пејачката Наташа Малинкова, која ја пушти во етерот новата песна насловена ,,Ако грев е што те сакам’’.

-Станува збор за љубовна балада, чиј автор е мојот соработник Столе Аврамов. За песната снимив и спот со ,,Веста продукција’’ и се надевам дека истата ќе го најде патот до слушателите – вели Малинкова.

Кавадарчанката е присутна на сцената речиси две децении. На почетокот на својата кариера беше вокалистка во бендот ,,Багаж’’ чиј фронтмен беше Трајко Каров, кој почина на концерт во Скопје пред седум години и беше брат на Љупчо Каров од К15.Со хитот ,,Името твое’’ Малинкова ја стекна популарноста, а по заминувањето од ,,Багаж’’ продолжи со самостојната кариера. Има редовни настапи по локали низ земјава, и редовно снима нови материјали. Има две ќерки, Султана и Емилија и во брак е 16 години. Често знае да каже дека сопругот секогаш и е голема поддршка и има разбирање за нејзините професионални обврски, што било важен предуслов за да има успешна кариера. Се сретнале додека биле доста млади, за време на нејзин настап, а по една година љубовта ја крунисале со брак. Негова сестра е фолк пејачката Ани Малинкова, па така имал искуство како е да се минува животот со некој кој е дел од естрадната сцена.
Вики Клинчарова

 

Поврзани новости