Наставниците штрајкуваат под закани и притисоци, а во училиштата почнаа да се носат заменски наставници

by Fokus 12:08
12:08

Во дел од училиштата почнале да им носат заменски наставници, откако повеќето од нив пред два дена стапија во генерален штрајк. Според информации на „Фокус“, веќе во неколку училишта низ скопските општини се донесени заменски наставници, а едно од нив е основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, каде од сабајле биле однесени тројца резервни наставници.

Нашите извори коментираат дека ова не е единственото училиште каде се носат нови наставници, туку во текот на денот се планира ресорното министерство да донесе заменски наставници во скоро сите училишта, каде што просветарите штрајкуваат.

- Advertisements -

– Си донесоа закон и сега си го спроведуваат. Не ме изненадува да донесат во секое училишпте каде што се штрајкува заменски наставници, но тоа нема да не поколеба да продолжиме со генералниот штрајк. Нормално, тие не се потресуваат, но ние нема да им дозволиме да го срушат штрајкот како што замислиле. А, тие заменски наставници само ќе бидат искористени како крпи и после тоа може да се најдат само на некој список за вработување во иднина – истакна синдикалниот лидер на СОНК, Јаким Неделков.

Според него, и покрај стравот, силните притисоци и заканите, повеќето просветни работници не отстапуваат од намерата да го кренат својот глас откако Министерството за образование не сакаше да слушне за зголемување на платите и укинување на екстерното тестирање во делот со казните.

– Се штрајкува во сите синдикални организации и бројот на штрајкувачи се зголемува. Притисоците и заканите се се поголеми и училиштата овие два дена ги посетуваат општински и просветни инспектори, им бараат списоци за да ги видат имињата на наставниците и професорите кои штрајкуваат. Знам, само дека вистинското членство нема да го поколебаат. Сите тие што се членови на нашиот синдикат, а не го поддржале штрајкот и одржуваат настава, според Статутот ќе бидат исклучени од СОНК – тврди Неделков.

Во повеќето учлиштата низ државата се штрајкува, а мнозинството наставници и професори не штрајкуваат во Тетово, Гостивар, Велес, Битола, Струга, Кичево. Слична е ситуацијата и во главниот град. Во повеќето училишта можат да се забележат празни ходници, училници и плакати на кои пишува штрајк, залепени на влезните врати. Наставниците беа на работа, но часови не држеа. Исто така, се штрајкува во скоро сите албански училиштата.

Една недела, пред да почне генералниот штрајк на СОНК на прес – конференција излегоа неколку наставници, кои читајќи од лист хартија потенцираа зошто не го поддржуваат штрајкот на просветарите. Во меѓувреме, нивните имиња осамнаа на социјалните мрежи преставени како блиски до владејачката партија.

Поврзани новости