Наставничкиот пленум за денесна на пладне има закажано протест пред Министерството за образование под мотото „Стоп за лошите реформи во образованието“. Во повикот до граѓаните наставниците ги наведуваат барањата заради кои денеска излегуваат на улица. Со повикот очекуваат поддршка од проесорите, студентите, средношколците и сите граѓани. Во продолжение ви го пренесуваме нивниот повик во целост:
1. Ставање на Законот за наставници, Законот за Академија и Законите за основно и средно образование вон сила, под целосен Мораториум, сè до конечно усвојување на новите решенија кои ќе произлезат врз основа на темелна анализа на состојбите во образованието и отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите релевантни стручни кадри (особено практичари од основното и средното образование)
2. Целосно укинување на казните и наградите на наставниците кои се резултат од екстерните тестови (имликациите по плата, можност за отказ, напредување во кариерата). Екстерното тестирање може да има само формативен карактер со што ќе се бараат слабостите во образовниот систем и изготвување стратегии за негово јакнење. Екстерното тестирање може да се реализира само на крајот од деветгодишното образование, како во најголем дел од другите образовни системи. Целосно да се ревидира начинот на создавање прашања за национален тест (екстерен) кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од БРО со примена на Блумова таксономија за оценување по нивоа на знаење.
3. Оценките од екстерно тестирање на учениците не смеат да влијаат врз успехот на учениците и да го оштетат ученикот на било кој начин. Тие не се валиден и веродостоен показател на знаењата, а да не говориме за сите други елементи кои ја чинат годишната оценка. Во таа крајна оценка влегуваат знаењата, способностите, вештините, воннаставни активности и постигнувања (од натпревари), проектни активности, истражувачки проекти, залагања, ставови, вредносен систем, карактерни особини (одговорност) и.т.н.
4. Да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање.
5. Ревидирање на наставните планови и програми за основно и средно образование, со цел јакнење на квалитетот во образовниот систем на сметка на квантитетот. Учество на наставници од средно образование во изготвување на студиски програми за факултетите кои образуваат наставни кадри (особено во делот на поврзаноста на наставните часови предвидени за практична настава на студентите – идни наставници).
6. Укинување на државната матура и воведување приемен испит на самите факултети, со цел избегнување на бројни недоследности и нерамноправен пристап кон матурантите во делот на задолжителни и изборни предмети како дел од државната матура.
7. Укинување на инспекциските органи во образовниот систем, а јакнење на советодавни тела. Ова заради позитивните искуства во другите образовни системи чии ученици постигнуваат одлични резултати токму на меѓународните истражувања.
8. Во насока на јакнење на квалитет во наставата, бројот на ученици во паралелка да не биде повеќе од 24.
Под мотото „ Подобро образование за сите“, Наставнички пленум ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои се длабоко свесни за улогата на образовниот систем во општеството, во Скопје на 22.03.2015 (кај Јужен булевар зад стара железничка станица во 11:00 или во 12:00 пред МОН), да излезат и јавно да ја изразат својата поддршка на наставниците во Република Македонија, обединети во Наставнички пленум.
Во нашата намера и борба за подобро образование, очекуваме целосна поддршка од Средношколски пленум, Студенстски пленум, Професорски пленум, сите заедно да покажеме дека сме достојни да се избориме за подобар, поквалитетен систем на образование на сите нивоа: основно, средно, високо.
Поддршка бараме од родителите, синдикалните организации, граѓански здруженија, невладини организации, хонорарци,пензионери,бизни
СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ!
БАРАМЕ ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ!