Наставничкиот пленум соопшти дека бара нов закон за основно, средно и високо образование, затоа што нивната мисија е како што велат, квалитетна настава, образование и иднина на младите. Во соопштението кое попладнево го испрати Наставничкиот пленум, се вели и дека наставниците бараат да учествуваат во неговото создавање, во процесите на неговото креирање и имплементација.
-Соочени секојдневно со проблемите, бараме одговор и решение за истите. Наша цел е образование кое ќе одговори на времето. Нови програми, образовни реформи , а не празни форми. Нашата цел е иднината на земјата. Земја во која квалитетот, а не партијата ќе биде критериум за успех. Сакаме да создаваме млади, изградени, свесни и независни личности. Тоа е наша задача. Да создаваме млади, општествено одговорни граѓани, мотивирани да создаваат, да учат, да знаат – вели во соопштението Наставничкиот пленум.
Од пленумот додаваат дека се директно одговорни за иднината на нашата земја, затоа што од нив, од нивните вештини и знаења, од нивниот производ, зависела иднината на општеството.