Наставнички пленум: Новите законски решенија извор на проблеми во образованието

by Фокус

Наставничкиот пленум испратија писмо до Министерството за образование и Синдикатот за образование, култура и наука. Нивното писмо ви го пренесуваме интегрално:

Поради поврзаноста на основното и средното образование во делот на воспитно образовни цели и задачи, наставните планови, наставните програми, начинот на следење, вреднување и оценување на учениците, евалуцација на работата на наставниците и воопшто – на училиштата, во оваа анализа на новите законски решенија, ќе говориме во еден контекст кој ги обединува двете нивоа на еден ист воспитно образовен систем.

Процесот на воспитување и образување на децата и младите започнува со тргнување на детето во градинка, па продолжува низ основното, средното и високото образование и завршува дури кога личноста ќе го заокружи своето иницијално образование. Во тој сложен процес на градење луѓе кои ќе имаат знаења, ќе поседуваат вештини за извршување на одредени задачи во општеството и кои ќе имаат вредносен систем и изградени ставови според кои ќе го градат личниот живот и ќе работат за општо добро, наставникот има клучна улога како пренесувач на знаењата, вештините, ставовите потребни за живот во 21ви век. Наставникот го преточува во дело сето она што е ставено на хартија како остварување на воспитно образовни цели и задачи во процесот на поучување, наставна програма, содржина,настава и учење,евалуација, следење, проверување,вреднување, оценување. Наставникот, исто така го имплементира сето она што го предвидуваат законите, кое пак се однесува или битно влијае врз воспитно образовниот процес. Токму затоа, мислењето и ставовите на наставниците се најмеродавни кога е во прашање преточувањето на законските решенија во наставната пракса.

Професионалната, моралната и етичка одговорност на секој наставник е да се спротивстави на секое законско решение кое му нанесува директна штета на ученикот, наставникот и родителот или на било кој начин ја отежнува или оневозможува реализацијата на наставниот процес. Секое законско решение може да биде целеисходно само ако во пракса се покаже како добар модел кој е прифатлив за сите учесници кои се засегнати од истиот и од кој ќе произлезат позитивни ефекти, а тоа се градење сестрани луѓе подготвени за живот во новиот милениум.

Новите законски решенија кои се однесуваат на наставниците во основното и средното образование во Р.Македонија, стапени на сила со посебен Указ на 15.01.2015г. од претседателот на државата и од претседателот на Собранието на Р.Македонија,отвораат бројни проблеми во реализација на воспитно образовниот процес, особено во делот на вреднувањето и оценувањето на учениците од една страна, како и во делот на вреднувањето и оценувањето на работата на наставниците,од друга страна. Ова, особено заради тоа што имликациите врз успехот на учениците се сериозни и нанесуваат огромна штета на учениците, особено во делот на заокружавање на своето образование, како и можноста да го продолжат своето образование и да го остварат својот животен сон. Имликациите на новите законски решенија произлезени од Законот за наставници и Законот за Академија за наставници,сериозно влијаат врз кредибилитетот на наставникот како носител на воспитно образовниот процес и имаат несогледиви последици, особено што со нивната примена во пракса постои реална можност за губење на работното место, наставникот има голема можност да биде несоодветно вреднуван и платен, и конечно – оневозможен во професионален и кариерен развој.

Во оваа анализа, ќе ја откриеме ненаучната основа на системот на проверка на знаењата низ призмата на екстерно тестирање за ученици од 3 – 9 одд во основните училишта, и ученици од I – IV год. средно училиште, како единствен инструмент за вреднување и оценување на постигнувањата на учениците и вреднување и оценување на работата на наставниците. Имајќи го предвид фактот дека екстерното тестирање повеќе од две децении е дел од повеќе образовни системи во светот, ние ќе се обидеме низ компаративна анализа на екстерните тестови спроведени на национално ниво во некои земји на Европа и САД, да докажеме дека начинот на кој е осмислен и се реализира екстерното тестирање во Република Македонија во основните и средните училишта е заснован на погрешен концепт (не ги содржи потребните елементи за да биде валиден), но и дека резултатите од вака осмислен концепт за проверка само на знаењата на учениците не можат и не смеат да бидат единствен инструмент и показател за вреднувањето и оценувањето на учениците, а уште помалку на вреднувањето, вреднување и оценувањето на работата на наставниците.

Исто така, научно ќе докажеме дека во сите земји каде се реализира екстерно тестирање од страна на државата, резултатите имаат исклучиво формативен карактер. Во нашата анализа, се повикуваме на релеватни научни извори со што ќе ја исклучиме можноста за шпекулации и обвинувања дека нашите размислувања се паушални и неточни. Освен анализа на релевантната литература во делот на екстерните проверки на знаењата на учениците, во нашата анализа битно влијание имаат практичните искуства на наставниците. Во наставната пракса, наставниците остро се спротивставуваат на законските решанија, уверени дека со нив се нанесува сериозна штета на ученикот, наставникот, воспитно образовниот процес и општеството во целост.

Затоа, од Уставениот Суд на Македонија, бараме укинување на екстерното оценување и укинување на поврзаноста на резултатите од ваквото оценување врз вреднувањето, оценувањето на наставниците во основните и средни училишта во Република Македонија.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк 

Поврзани новости