Насилни протести и во Италија: Полицијата употреби солзавец и водени топови

by vlatko 21:56
21:56

Италијанската полиција употреби солзавец против демонстрантите во Милано, откако била нападната со камења и други предмети за време на судирите на плоштадот пред познатата готска катедрала во центарот на градот, објавија италијанските медиуми.

До насилните инциденти дошло за време на протестите против високите животни трошоци, кога дел од демонстрантите се одвоиле од главната поворка и се судриле со полицијата.

Полицајци опремени за разбивање немири се обиделе да ги отстранат демонстрантите со покриени лица од галеријата „Виторио Емануеле Втори“, луксузната трговска аркада што се наоѓа покрај плоштадот пред катедралата.

Поради немирите, продавниците во централното градско подрачје ги спуштиле ролетните, а туристите почнале да го напуштаат подрачјето. Метростаницата „Дуомо“, која се наоѓа во близина на катедралата, била затворена за време на судирите.

Според италијанските медиуми, во инцидентите биле повредени неколку лица, а полицијата извршила и повеќе апсења. Засега не се наведуваат точниот број на повредени и уапсени во Милано.

Насилство имало и во северниот италијански град Болоња, каде што полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите откако протестот прераснал во судири.

Новинската агенција АНСА објави дека во Болоња биле уапсени седум лица.

Инцидентите во Италија се случуваат во период на засилени протести во повеќе европски земји, поттикнати од незадоволството поради растот на животните трошоци и влошувањето на јавните услуги.

Слични вести