Годинава традиционалниот музички фестивал Макфест, наместо во јуни, ќе се одржи во првата недела на месец октомври во Штип.
Веќе пристигнале околу 140 песни на конкурсот од наши, но и од изведувачи од Киргистан, Куба, Шпанија, Германија и други.
На трите фестивалски вечери ќе бидат изведени 30 нови забавни мелодии, а извеувачите ќе настапуваат во живо, во придружба на Ревискиот оркестар на МРТВ.
Организатор на настанот е Општина Штип заедно со Министерството за култура, и повторно ќе следат богати награди за учесниците.
За првото место предвидени се 10.000 евра, втората награда е 7.500 евра, трета награда изнесува 5.000 евра, награда за најдобра вокалска изведба во износ од 1.000 евра, како и награди за најдобар аранжман, дебитант и сценски настап, секоја по 1.000 евра. Високите парични награди се една од причините поради која што Макфест е еден од најатрактивните фестивали за нашите музичари, но и за странските изведувачи.
Минатата година на Макфест победи Александра Јанева со песната ,,За сто години’’. Таа победи и во 2013 година со песната ,,Врати ми го сонцето’’.
Како еден од најчестите победници на фестивалот е Ристо Самарџиев, кој што досега има однесено четири победи, два пати како соло пејач, и два пати во дует. Исто така, и Бојана Атанасовска, сега Скендеровски има победено два пати на Макфест, Биба Додева исто така се има закитено со две победи, Дуле и Коки еднаш како дуо, а вториот пат со заедничка песна со Ристо Самарџиев.
Вики Клинчарова