Сума од 13.250 канадски долари е собрана и ќе биде поделена на 20-те семејства на осудените за нападот на Собранието од 2017 година. Оваа акција адресирана до Македонците ширум светот се одржува трета година по ред, а ја организира велешанецот Боби Темелков, кој е претседател на Светски македонски конгрес – Канада.
Според првичните апели, тој ги повика градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во акцијата и да соберат барем 20.000 долари, кои подеднакво ќе им бидат поделени на фамилиите на осудените.
Јавно, ниту еден градоначалник не се огласи по повод повикот, ниту пак Темелков објави информација дека некој од новоизбраните функционери донирал.
Како што информираат на страницата за донации, акцијата е веќе завршена, а собраните средства, исто како и минатата година подеднакво ќе бидат поделени на 20 фамилии, и помошта директно ќе биде доставена до секоја фамилија.
Во 2021 година се собрале околу 30.000 канадски долари, а и годинава беше посочено дека целта е повторно да се соберат најмалку 30.000 долари. Сепак, и покрај апелите, годинава иселениците донирале помалку од 14.000 долари, пари кои биле наменети за семејствата на осудените за нападот, да си купат огрев и да подмират трошоци.
Вики Клинчарова