Нашата „недемократска“ надворешна политика

Доменот на надворешната политика беше во надлежност, не на владата, туку на шефот на државата, Киро Глигоров, и постоеше целосна согласност меѓу неговите и моите ставови. Така, ниту еднаш не добив инструкции што треба да направам и како да го сторам тоа. Моите ставови беа објавувани и пред да станам член на владата, а претседателот ги знаеше.

by valentina 17:39
17:39

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи 

ДИПЛОМАТСКИ КОНТАКТИ СО АЛБАНИЈА

Првата посета на Албанија се случи во првите месеци на експертската влада, кога во Тирана замина голема владина делегација од неколку министри на чело со премиерот Никола Кљусев. Беше организирана од Министерството за внатрешни работи, кое имаше контакти со своите пандани на другата страна од границата. На власт сè уште беше заменикот на Енвер Хоџа, Рамиз Алиу, кого колективно го посетивма во неговата резиденција. Подоцна, по неговиот пад, воспоставив пријателски односи со демократски избраниот министер за надворешни работи, Алфред Серечи. На нашата средба, првото прашање што ми го постави овој доктор-педијатар беше за положбата на албанското малцинство во Македонија. Во обид да ја свртам дискусијата во конструктивна насока му предложив да воведеме директна телефонска линија меѓу двете земји, чии тогашни телефонски врски одеа преку Рим! Кога ќе го сториме тоа, реков, секој може да крене телефон и да праша кој, како и во каква положба се наоѓа. Потоа, велам, да изградиме патишта и гранични премини преку кои луѓето ќе си одат во заемни посети. Се насмеавме…

Меѓутоа, Серечи ја кажа својата албанска приказна, подеднакво потресна како и приказните на сите балкански народи. Вели дека не верува дека има друга нација во светот кон која историјата била толку неправедна: половина од нејзиното население да живее надвор од матичната држава. Веројатно не беше ја слушнал македонската приказна или дури и приказната на Словенците за тоа како Господ видел човек што плаче покрај патот, па го прашал за причината на неговата несреќа, а човекот му одговорил дека е Словенец. Тогаш Господ седнал до него и самиот почнал да плаче.

Преминувајќи на актуелната ситуација, Серечи настапува со разумни размислувања. Тврди дека никогаш владата на Албанија нема да се залага за промена на границите. Ние сме заинтересирани само за судбината на нашите браќа Албанци. Проблемот не е само во нивната бројка. Досега, третманот на Албанците, не само во Македонија, туку и во Југославија, вели, беше условен од тоталитарниот систем и шовинистичките чувства. Без сомнение, вели, денес има голема разлика во положбата на Албанците во Македонија. Но, без да се мешаме во вашите внатрешни работи, бараме од вас помош, сите права што се гарантирани во меѓународните договори да им се гарантираат и на Албанците. Тоа ќе ни овозможи веднаш да ја признаеме Македонија. Смета дека патот до добрите односи се правата на Албанците во културата, образованието, пропорционалното присуство во органите на власта, судството, војската и јавната управа. Бара да се прекине со практиката тие да се третираат како граѓани од втор ред. Зборува за спомен-плочата посветена на албанската азбука во Битола, која ја открил Владо Малески, која е урната и бара реконструкција. Во разговорот, се согласува дека „не може да си го земеме правото на Албанците да им кажуваме што да прават во Македонија“.

За Косово, Серечи вели дека е тоа „апартхејд во Европа“ и иако Албанците од Косово го избираат патот на демократијата, постои опасност од избувнување војна. Повикува целата светска дипломатија да го сопре тој можен процес. Денес, овој народ е невооружен, вели, и ако почне војна, тоа ќе биде масакр на Албанците. Вели дека кризата во Југославија почна на Косово и дека мирот ќе се воспостави кога ќе се реши косовскиот проблем. Го спомнува Уставот од 1974 година, кој ги обезбедуваше правата на Косово во „федерација од осум конститутивни народи“. Со укинувањето на федерацијата, Косово не е присутно на југословенската маса. Србите ја формираа Југославија и се прокламираа за наследници на СФРЈ. Ние не го признаваме тоа. Дијалогот е недоволен дури и кога би почнал. Нужно е целата светска дипломатија да изврши притисок врз Милошевиќ, а кризата на Косово да се третира како клешти што ја стегаат последната тврдина на комунизмот. Тоа беа моите први контакти со соседите.

КАКО СЕ ФОРМУЛИРАШЕ НАШАТА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

Доменот на надворешната политика беше во надлежност, не на владата, туку на шефот на државата, Киро Глигоров, и постоеше целосна согласност меѓу неговите и моите ставови. Така, ниту еднаш не добив инструкции што треба да направам и како да го сторам тоа. Моите ставови беа објавувани и пред да станам член на владата, а претседателот ги знаеше: НАТО и ЕУ се нашата стратешка цел, потоа, нужноста да се избегне војна во Македонија, но и да запре војната во Југославија, и, по можност, што повеќе да се сочува елементот на соработка меѓу идните суверени држави. Тоа, бевме убедени, е во најдобриот интерес за македонскиот народ и за граѓаните на Македонија. Оваа заедничка визија не беше прашање на писмено разработена стратегија меѓу мене и претседателот, туку едноставно се подразбираше. Тоа заемно разбирање беше темелот на нашата успешна соработка и на успешната надворешна политика на Македонија во периодот 1991-1993.

Лично, јас, во јавните настапи, на политиката на националистите (домашни или надворешни) за уривање на федерацијата им парирав со политиката на градење нови односи меѓу народите на Југославија. Така, наспроти националистичката логика, секогаш укажував на добрите страни на заедничкото живеење. Не се согласував со тезата дека сите биле губитници во федерацијата, туку акцентот го ставав на фактот дека Македонија, во заедница со другите југословенски народи, ја создаде својата држава. Не пропуштав можност да укажам дека нè збогатувале разните култури што коегзистирале во заедничката држава. Укажував и на економската помош од развиените републики, како алатка за економски прогрес. На бројните интервјуа со српски, хрватски или со словенечки новинари, секогаш го нагласував пријателството што нè врзува или на фактот дека 70 години сме живееле во една држава, инсистирајќи на мирно решавање на споровите. Ваквото мое поведение беше атипично за времето на големи тензии и меѓунационални нетрпеливости. Но, тоа мое поведение не беше резултат на некакво лицемерие, туку беше целосно искрено. Имено, бев сосема убеден во ипсправноста на моите ставови и не гледав никаква причина за војна меѓу народите на Југославија.

Се спротивставував и на националистичкиот вирус што се ширеше во Македонија и кој можеше да ги загрози односите меѓу Албанците и Македонците. Знаев јавно да им се извинам на Албанците за зборовите искажани во Собранието од неодговорни пратеници Македонци. Укажував на големите очекувања на Албанците за унапредување на нивните права во новата демократска Македонија, како дел од демократска Европа, како и на опасноста од мајоризација на малцинствата од страна на македонското мнозинство.

Во време кога во македонската јавност доминираше неодговорната формула: „Ако сакаат права, ене им ја Албанија“, ставовите што ги застапував беа сè, само не популарни. Сепак, благодарение на една многу специфична домашна и меѓународна политичка ситуација, успеав, со поддршка на претседателот Глигоров, да водам една политика што не би го поминала тестот на поддршка кај мнозинството. Ниту тогаш, а верувам ниту денес 35 години подоцна.

Но, да објаснам за кои специфики зборувам. Значи, можноста да ја формулирам надворешната политика по мое разбирање на нештата, се должеше на две неповторливи ситуации. Првата, домашната ситуација, се огледа во фактот што падот на еднопартискиот систем се случи постепено, исто како што постепено се консолидираше повеќепартискиот систем. Имено, со распадот на светскиот и југословенскиот комунизам, претставниците на тврдото јадро на Сојузот на комунистите на Македонија, доброволно се повлече од власта, па дури и го организираше предавањето на власта во рацете на неколку истакнати претставници на некогашното либерално крило, развластено на почетокот од 1970-тите. Така, додека во другите републики, политичкиот процес забрзано му даде демократски легитимитет на непомирливиот национализам, кој, патем речено, тешко правеше домашни и меѓународни компромиси, во Македонија, национализмот се контролираше во еден подолг временски период. Немам сомневање дека обидите да се забави подемот на македонската националистичка опозиција од страна на тајната полиција придонесоа и кон забавување на консолидирањето на демократскиот систем на новата незвисна држава. Но, повторно, како и во другите републики, нивното отсуство можеше да значи брзо легитимирање на македонскиот национализам, кој, по дефиниција, е конфликтен. Македонскиот национализам, пак, поради комплексната историја на Македонија, немаше јасни контури и не ми беше извесно какви форми ќе земе. Парадоксално, токму слабоста на демократскиот процес, кој се тетеравеше меѓу комунизам и национализам, а, претпоставувам и лојалноста на органите за безбедност кон претседателот Глигоров, ми овозможи мене како министер за надворешни работи, сопствените визии непречено да ги презентирам како визии и политики на Република Македонија.

КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА ЈУГОСЛАВИЈА

Втората, меѓународната ситуација, која ми одеше во прилог, беше во ангажманот на меѓународната заедница. Имено, се свика Конференцијата за Југославија. Тоа беше некој вид дипломатска платформа на Европската заедница на која актерите од шесте републики (претседателите и министрите за надворешни работи) требаша да ги претстават своите политички визии, кои би се преточиле во едно заедничко политичко решение. Со помош на Конференцијата требаше да се избегне крвавата драма што ја подготвуваа националистите, а за која бевме свесни сите. Значи, Конференцијата за Југославија ни отвори директни комуникации со самиот врв на европската и на светската политика. Претседателот Глигоров и јас како министер за надворешни работи, без оглед на отсутвото на македонска дипломатска мрежа во странство, можевме директно да ги презентираме нашите погледи за решавање на југословенката криза. Кога велам „нашите“, буквално мислам на погледите на претседателот и моите. Имено, како што опишав погоре, специфичните прилики на тоа време, како војната во федерацијата, неразвиениот демократски процес во Македонија и брзото темпо што го диктираше Конференцијата за Југославија, ни отворија простор, нашите погледи да бидат ставови на идната суверена држава. Тоа се покажа како добро за Македонија. Постоеше и поинаков пристап. Се сеќавам дека во парламентот на Словенија беше постигната согласност, во текот на битката за сопствената независност, опозицијата да не ја критикува владата и да ја дава целата поддршка за остварување на целта. Познавајќи ги нашите партии, на претседателот Глигоров не му паѓаше на памет да експериментира со таквата идеја во Македонија. Кога, во обидот да придонесам да се смират жестоките напади на македонската опозиција кон надворешната политика, му сугерирав на претседателот да имаме нејзини претставници во делегацијата што ја водев на преговорите, тој одмавна со рака. Беше искусен во политиката, знаеше подобро и не сакаше да го изложи на ризик својот животен проект – независна Македонија.

(Продолжува)

 

 

Слични вести