Финансиските средства потребни за лекување на клиника во Турција за матурантот Никола Ѓоргиев се собрани. По низата на хуманитарни акции кои изминатиот месец се одржаа во земјава, со цел да му се помогне на момчето од Скопје да се избори со тешката болест, канцер на коските, тој информира дека сумата потребна за долготрајното лекување е обезбедена.
Минатиот месец во интервју за „Фокус” тој појасни дека почетната сума која му е потребна за лекувањето е над 110.000 евра.
-Почитувани познати и непознати луѓе во вистинска смисла на зборот.
Сакам да упатам најголема благодарност до сите граѓани на Република Македонија,македонците од дијаспората и сите луѓе од целиот свет што дониравте, а со тоа помогнавте да ги соберам потребните парични средства за моето лекување во Истанбул, Р.Турција.
Се надевам дека нема да имам повторно потреба од парична помош иако лекувањето ќе биде во времетраење од 1 до 2 години.
Но, јас знам дека ве имам сите вас како најголема подршка и за било што ќе бидете со мене- порача Никола.
Вели дека знае дека го чека долг и трнлив пат, но ветува дека ќе биде борец и ќе ја победи секоја препрека.
Ќе дојде денот кога ќе ви кажам, успеав, заедно со сите вас.
Не постои пишан збор кој ќе може да ја искаже мојата благодарност, што и да се каже ќе биде премалку освен да посакам заедно да продолжиме да помагаме таму каде што е најпотребно, зошто заедно сме најсилни и само заедно можеме и невозможното да го направиме возможно-истакна младото момче.
Вики Клинчарова