Архива: Народот мора да се освести и да почне да размислува со своја глава!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 16-ти август 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 932

Отец Пимен е владика на Европската епархија веќе осум години. Тој е роден во Ресен, а седиштето на неговата епархија е во Малме, Шведска. Важи за еден од посмирените и постабилни владици на МПЦ, кој не влече „опашки“ од минатото.

Во последните неколку месеци станa доста популарен во јавноста истакнувајќи се како единствен митрополит кој јавно критички зборува за проблемите во земјава. Речиси сите свои ставови тој ги објавува на фејсбук-страницата на Европската епархија.

Владиката Пимен, во интервју за „Фокус“, го коментира сечењето на дрвјата кај „Бристол“, манипулирањето со народот да излезе на протести пред Општина Центар, како и за средби со членови на владејачката партија!

Разговарала
Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС Во последниов период сте доста активни, постојано коментирате за политичките случувања во земјава, кои не ви се допаѓаат, што не е својствено за македонските владици. Која е причината за тоа?

ПИМЕН Не давам коментари само за политичките случувања во земјава. Честопати сум активен за работи за кои сметам дека не се како што треба. Тоа нема врска само со политиката бидејќи јас немам намера да се активирам политички.

Мојата цел на коментирањето е дека народот мора да се освести и да почне да размислува со своја глава. Не можеме сѐ да гледаме низ призмата на политиката. Гледаме дека стана многу црно-бела ситуацијата кај нас, па ако критикуваш некое политичко случување веднаш добиваш боја на одредена партија, а во меѓувреме ги придобиваш симпатиите на другата партија.

Или, обратно, ако критикуваш одредена партија, веднаш таа, истата те отпишува и те прави свој непријател. Црквата е со 21-вековно постоење и таа не може да биде дел од една политичка партија. Верниците треба да нѐ доживуваат како критичари на власта и на општеството, ако работите не се како што треба.

КАКО ВЛАДИЦИ БЕВМЕ ИЗМАНИПУЛИРАНИ

ФОКУС За разлика од Вас, вашите постари колеги постојано се ставаат во одбрана на власта. Најактивен е повардарскиот владика Агатангел. Тој пред неколку дена излезе со став дека не треба да се менува вековното име на државата, а пред два месеца ги поддржа и протестите на „Веритас“ пред Општина Центар. Што значи, сепак, се мешаат во политиката?

ПИМЕН Не е работата само да се критикува. Ако има нешто за фалење, тогаш треба да се пофали. Еве, на пример, црквата важи за еден од столбовите на демократијата. Црквата никогаш не се ставала во улога на ширење на некои идеи. Од таму произлегува дека моите колеги се мешаат во некои од јавно презентираните ставови, како на пример дека не смееме да отстапиме од нашето вековно име.

На тој начин и со тој став се поклопува впечатокот дека владиците работат за владата, која подолг период се труди да го убеди народот дека не треба да отстапиме од нашето име. Автоматски со таквите ставови се добива впечаток дека ние сме ангажирани од некоја политичка партија, во оваа ситуација ВМРО-ДПМНЕ, да ја шириме нивната пропаганда или да ги промовираме нивните активности.

ФОКУС Пред неколку месеци, група „верници“ протестираа и кршеа во бараката на Општина Центар со цел да не се урива црквата „Св. Константин и Елена“. На Фејсбук напишавте „Вака ли го сведочиме мирот Христов верен народе? Уриваме општина во обид да спречиме уривање на црква? Може ли ваш коментар за случувањата пред општината?

ПИМЕН Моите ставови јасно ги искажав преку фејсбук-страницата на Европската епархија. Кога отидов на протестот, јас лично добив впечаток дека овој народ не е спонтано собран, туку дека зад тие протести стои некоја организација или партија. Целта беше да се изведе народот на улица против градоначалникот Андреј Жерновски, кој е од друга партија.

Црквата во овој случај беше злоупотребена со пласирање една неточна информација, дека веќе е одржана таа седница на која е одлучено да се урива црквата. Меѓутоа, кога отидов на самото место, ништо не изгледаше како што беше пласирано. Тоа го предизвика револтот кај мене за да ги напишам тие работи што ги напишав бидејќи некој злоупотребува народ да извади на улица поради политички цели. Кога работите излегоа од контрола, кога „верниците“ почнаа да кршат прозорци и да уриваат низ општината, моја должност беше да реагирам и да кажам дека на овој начин не го промовираме христијанството и не ја браниме црквата.

Тоа не е христијански.

ФОКУС Владиката Агатангел беше таму и даде изјава дека со благослов на дедо Стефан го спречува уривањето на црквата?

ПИМЕН Ние како владици бевме изманипулирани. Тоа беше едно наше наивно влегување во целата приказна. Во првиот момент сите реагиравме емотивно. Моето прво појавување таму беше од емотивна причина, дека ме боли ако некој донел одлука да урива веќе готов објект. Ме понесе да отидам и да ја одбранам црквата од уривање. Но, се доби друга насока кога видовме дека никој нема намера да ја урива црквата и дека и ние и народот бевме злоупотребени во таа ситуација од страна на власта.

ФОКУС Владиката Агатангел на ваша адреса упати тешки критики дека на протестот сте дошле во патики и без ранец за да не ве препознаат. Дали потоа се имате сретнато и какви се вашите односи со него?

ПИМЕН Седнавме и во пријателска атмосфера се доразбравме дека ниту јас лично некогаш сум имал нешто против него, ниту тој имал нешто против мене. Таквата реакција беше збунувачка и за нас самите. Но, кога седнавме со пооладени глави и откако помина одреден период од тие случувања, видовме дека медиумите некако го продлабочија тој јаз. А ние во меѓувреме не стигнавме да продискутираме, да го надминеме тоа. Но, сега сето тоа е зад нас.

Pimen 0001

НИКОГАШ НЕ СУМ БАРАЛ СРЕДБА СО ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ!

ФОКУС Вие бевте на средба со директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Како дојде до таа средба и што разговаравте?

ПИМЕН Тоа не беше организирана средба, туку случајна средба на улицата Македонија. Нашиот разговор траеше многу кратко, односно тоа беше размена на една до две реченици. Димовски јасно ми нагласи дека не му се допаѓале некои мои ставови, на што јас возвратив дека и јас не сум воодушевен од неговите ставови. Не стануваше збор за договорена средба за да ми се закани некој мене, туку се сретнавме сосема случајно. Со Димовски се знаеме веќе подолго време и сигурно затоа ја имаше таа слобода да ми се обрати така.

ФОКУС Пред еден месец, во интервју за новинската агенција „Нетпрес“, премиерот Никола Груевски лично ве нападна, јавно ве искара и ве понижи дека не личите на владика. Зарем ова досега не е невиден скандал во односите на Црквата и државата!?

ПИМЕН Подолго време размислував дали да одговорам на тие напади кои ги добив од страна на премиерот. Обвинувањата беа дека не сум личел на владика, па се обидов да му одговорам во тој дух. Токму како еден православен владика. Животното искуство и мудроста стекната низ него нѐ учи да одговориме на сѐ, посебно на нападите, но Христос нѐ учи да простиме, да го завртиме и другиот образ.

Како што напишав на тој пост на Фејсбук, ја препуштам победата на тие што треба да ја носат. Коментарите на луѓето доволно кажаа за нападот на премиерот кон мене. Дел од нив се пристрасни за партијата на власт и беа задоволни од неговиот напад кон мене. Но, дел реагираа дека не му личи на еден премиер да се однесува така.

ФОКУС Премиерот во интервјуто уште истакна дека сте барале средба со него, но дека тој немал средби со несериозни владици, кои своите ставови ги пишуваат на Фејсбук. Инсистиравте да се сретнете со него?

ПИМЕН Не. Јас никогаш немам побарано средба со премиерот Груевски. Не сум имал потреба за средба.

ФОКУС Синодот е една затворена институција, која нема никаков контакт со верниците. Тие отчет не даваат никому, освен пред очите и ушите на Бога. Може ли да ни кажете какви се односите меѓу владиците и постои ли некоја поделеност внатре?

ПИМЕН Владиката Тимотеј официјално е поставен за портпарол на Синодот и сите информации од таму треба да произлезат од него. Ние договараме што треба да излезе јавно од синодските седници. Не станува збор за којзнае каква поделеност меѓу владиците, како што се остава впечаток во јавноста, дека има некои две струи кои постојано се во некоја спротивставеност.

Најчесто имаме разидување околу ставовите за тоа дали треба да се задржи затвореноста на Синодот или треба да бидеме поотворени кон нашите верници. Помладата генерација владици смета дека треба да бидеме потранспарентни, во смисла на ПР-стратегија која ѝ недостасува на нашата црква, за да може да ја стекнеме довербата на граѓаните.

Од друга страна се постарите владици, кои сметаат дека не треба да бидеме отворени и активни. Кај нив се јавува голем отпор кон Фејсбукот. Тие имаат затвореност кон интернетот.

ФОКУС  По последните случувања и по вашите „пресметки“ со актуелната власт, ве караат ли поглаварот и другите владици за вашите искажани ставови?

ПИМЕН Фејсбук-страницата на Европската епархија ја користам за коментирање и за изнесување мои лични ставови. Во една пригода поглаварот ми рече дека не треба да бидам толку активен и за сѐ што мислам, да пишувам таму. Но, јас така не размислувам.

Mожат да ми кажат дека тоа не им се допаѓа, но не може да ми забранат да коментирам. Тоа е мој личен профил и таму ќе ги пишувам своите ставови. Никој ја нема таа власт да ти каже да престанеш да го правиш тоа. Кога Бог ни дозволува да ги користиме социјалните мрежи, зошто тогаш би се нашол некој да нѐ цензурира во тоа или да ни каже дека не смееме да го правиме тоа.

ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЈА СЛИКАТА СО ПОРШЕТО, ЗА ДА МЕ ПОНИЖАТ!

ФОКУС Синодот живее на „висока нога“. Владиците тераат луксузен живот, имаат раскошни резиденции и возат луксузни џипови и автомобили. Која е причината што се луксузираат владиците?

ПИМЕН Тоа е едно клише што се создаде дека владиката е дел од една богата каста која располага со големо богатство. На лично име не се води ништо. И во тој дел меѓу нас се разидуваат ставовите дека тоа е наша потреба да имаме полуксузно возило што можеме да си го дозволиме, нели?

Но, некогаш тие наши сфаќања за потребите за луксузирање соодејствуваат со реалните потреби на терен. Од една страна може да се дозволи, од друга страна има и потреба. Меѓутоа, сметам дека некогаш ги преминуваме тие наши граници и навлегуваме во тој раскош и се возиме во луксузни автомобили.

ФОКУС За разлика од Вас, за вашиот колега, починатиот патријарх Максим, се зборуваше дека има месечна пензија од 340 долари и ја дели во софискиот Дом за хендикепирани деца?

ПИМЕН Сето тоа се дозна по неговата смрт. Откако се направи попис на неговата оставина излегоа на виделина информациите дека дел од платата задржувал за себе, а поголемиот дел го давал во хуманитарни цели. Може и по нашата смрт ќе излезат тие информации, дека некој од нас давал во хуманитарни организации. Но, не сакал јавно да го каже тоа. Го криел својот подвиг.

ФОКУС Дали вие возите луксузен автомобил?

ПИМЕН Јас ќе кажам кој автомобил го користам, па граѓаните нека оценат дали е тоа луксузен автомобил или не. Епархискиот автомобил е „ауди А4“ произведен во 2000 година. Тоа возило, ако во моментот се донесе одлука да се продава, би чинело 3.500–4.000 евра максимум. Е сега, ако тоа е луксузен автомобил, тогаш имам луксузен автомобил, ако не е, немам.

ФОКУС На провладините медиуми се појави ваша фотографија на која сте сликани во црно „порше“? Ваш ли е автомобилот?

ПИМЕН Тоа „порше“ е на еден мој пријател и активист во црковните општини низ епархијата. При една наша средба ја направивме таа фотографија и тој ја објавил на својот фејсбук-профил. Сликата беше една обична шега, да се види дека ми прилега таков автомобил. Но, отиде дотаму да се злоупотребува во некои цели за понижување на мојата личност и врзување на моето име со луксуз. Јас би бил пресреќен да имам можност да имам еден таков автомобил, кој ако се продаде, би им помогнал на многу луѓе, кои секогаш имаат потреба од нашата помош.

ФОКУС Колкави се платите на владиците, а колкава на поглаварот?

ПИМЕН Платата на владиците е 44.441 денар. Посебно добиваме хонорари и дневници за патување. Сите митрополити сме на таа сума пријавени. Поглаварот има повисока плата од нас. Тој зема една само како митрополит на Скопска епархија и дополнување на хонорари за неговиот архиепископски чин. Но, не би знаел точно да кажам колкава е неговата плата.

ФОКУС Ве прашавме Вас, зошто нема кој друг да ни каже за платата на поглаварот?

ПИМЕН Ни мене не ми кажуваат.

Pimen 0003

НАШИТЕ ДОНАТОРИ ТРЕБА ДА ИМ ДАВААТ ПОВЕЌЕ НА РАБОТНИЦИТЕ

ФОКУС Верниците немаат доверба во црквите, свештениците и во владиците. Зошто?

ПИМЕН За жал, изградени се стереотипи. Според тие стереотипи, ние сме богатите, ние сме изолираните, ние сме една издвоена каста што не допира до народот. Затоа и меѓу народот честопати се користи „Верувам во Бога, верувам во народот, ама во свештеници и во владици не верувам“. Сета таа недоверба произлегува од таа наша отуѓеност од народот и од нашиот несекојдневен контакт. Ако не дојде човек до личен контакт со нас, секогаш верува во она што му е кажано. Но, по остварувањето на личните контакти или го потврдуваме или го разбиваме ова сфаќање.

ФОКУС Сѐ почесто граѓаните коментираат дека вие сте единствениот владика што им ја враќа довербата?

ПИМЕН Дај боже, да е тоа така. Не е пишано правило дека десноориентираните партии или демохристијанските треба да бидат поблиски со црквата. Која било да е партија, ако прави нешто што не треба, тогаш тоа јавно треба да се каже. Еве, да го земеме примерот со Јужна Америка. Таму Католичката црква е секогаш поблиска со социјалистичките партии, кои се борат и го поддржуваат народот. Примерот за тоа е и изборот на овој папа.

Ние често знаеме да направиме грешка и да бидеме поблиски со побогатите луѓе кои се сопственици на фирми. Тие својот вишок од заработувачката го даваат како помош, односно како донација на црквата. На тој начин ние се зближуваме со нив, ги каниме на наши прослави и тие ги заземаат почесните места. Каков впечаток остава сето тоа за нас кај еден работник што работи кај тој газда и е обесправен? Црквата го добива тоа што реално треба да си го заработи.

Можеби тоа ја создава таа одбивност на обичниот народ кон црквата затоа што смета дека не може да се доближи до нас, ако ги нема тие средства да биде еден од поголемите донатори. За тоа треба сериозно да се размисли. Црквата дури треба да се ангажира, кај сите тие наши поголеми донатори, да се намалат донациите за црквата и да им даде повеќе на своите вработени.

ФОКУС  Дали сте политички определен?

ПИМЕН Во младоста сум бил политички определен. Тоа е една јавна тајна. Бев член на актуелната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Со моето запишување на Теолошкиот факултет и со моето заминување во манастир, сето тоа се пасивизира. Повеќе не може да се каже дека сум припадник на некоја партија или изразен симпатизер на некоја партија.

Во принцип сакам да бидам независен и да размислувам со своја глава. Сакам да ја имам својата слобода и не сакам да бидам ничија марионета. Сакам да бидам човек кој ќе има слобода да критикува или да пофали и во едната и во другата доминантна партија.

ФОКУС Како на пример, сечењето на дрвјата кај „Бристол“?

ПИМЕН Тоа мора да се искритикува. Ако мислиме дека на тоа место ќе изградиме зграда во која ќе се сместат луѓе и ќе се спасиме од плаќањето кирии, од друга страна ја уништуваме природата, дрвјата и протокот на воздух. Сето тоа што ќе го заштедиме на кирии, потоа ќе го дадеме на лекување и на спасување на нашето здравје.

ФОКУС Дали МПЦ ја поддржува актуелната власт?

ПИМЕН Нели е очигледно? Добро сега не станува збор за некоја безрезервна поддршка. Имаме и некои митрополити кои се во многу добри односи со актуелната власт и можат да ја дадат таа безрезервна поддршка. Сепак, јас и владиката Тимотеј, кој се спротивстави за земјиштето во Охрид и кој рече дека нема да се отстапи ни педа, не ѝ даваме некоја безрезервна поддршка на власта. И мислам дека ако се посегне по имотот на црквата, таа поддршка кон партијата на власт значително ќе ослабне.

И СУМ И НЕ СУМ ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА КУМАНОВСКО-ПОЛОШКАТА ЕПАРХИЈА

ФОКУС По смртта на владиката Кирил, кој ќе застане на чело на Кумановско-полошката епархија?

ПИМЕН Кумановско-полошката епархија на последната седница е поделена на две епархии. Едната е тетовско-гостиварска, со седиште во Тетово, а другата ќе биде кумановско–осоговска во иднина. Тоа треба да се официјализира на Црковно–народниот собир, кој ќе се одржи на крајот на септември. Во меѓувреме, во септември имаме закажано пленарна седница за пополнување на овие две празни места.

ФОКУС Има ли заинтересирани владици?

ПИМЕН Отприлика изјаснувањето оди од најстариот по чин владика кон најмладиот и дали е некој заинтересиран за промена на епархија. Со оглед на тоа што постарите владици кои имаат епархии во Македонија не се заинтересирани, тогаш редот доаѓа на нас помладите од дијаспората.

ФОКУС Вие сте заинтересиран за оваа епархија?

ПИМЕН И сум и не сум. Емотивно сум врзан за својата епархија и сите оние години наназад, седум-осум колку што сум митрополит на епархијата, сѐ што е направено сега доаѓа до израз. Во октомври имаме осветување на црквата во Малме, потоа на црквата во Мајнц. Не знам дали би можел да се одделам толку лесно од мојата епархија. Се крши тоа во мене и може би им оставил на тие помладите од мене што се епископи, но можат преку ноќ да станат митрополити.

ЌЕ ПОБАРАМЕ ПОМОШ ОД „ВЕРИТАС“ ЗА ЉУБАНИШТЕ!

ФОКУС Црквата не го дава земјиштето во Љубаништа на Субрата Рој, каде што голем имот има Дебарско–кичевската епархија?

ПИМЕН Ние сѐ уште не знаеме за кое земјиште точно станува збор. Но, голем дел од она што е вратено со денационализацијата на манастирот „Св.Наум“ во Охрид е земјиште, кое најверојатно е предвидено да влезе во овој проект на Владата и Субрата Рој.

Ако ние пред неколку години го добивме назад тоа земјиште, сега повторно некој го бара назад за да се стави во улога на државата. Сметам дека нема да биде баш лесно тоа преземање на земјиштето бидејќи со Закон е предвидено ако се објекти од јавен интерес дека државата може да го национализира сето тоа, меѓутоа тука не станува збор за објект од јавен интерес и процедурата ќе биде малку покомплицирана.

Во таков случај, ако државата по секоја цена посегне по тој имот, ќе ги викнеме „Веритас“, тие се големи верници, па нека го одбранат земјиштето!

ОБЕДИНУВА ИДЕЈАТА ЗА СЛОБОДНО ОПШТЕСТВО!

ФОКУС Откако јавно почнавте да критикувате некои проекти на владата, станавте цел на напад на речиси сите провладини медиуми. Дали по ваквите напади се покајавте за вашите јавни ставови?

ПИМЕН Не. Никогаш не се покајав за тоа што го направив и стојам на ставот дека секогаш ќе го правам тоа, ако има потреба. Да не оставам впечаток на некој храбар, борец или револуционер кој по секоја цена сака да го урива овој систем. Ниту еден, ако си го каже своето размислување, не треба да му се лепат етикети и да се става на нечија страна. Секој мора да почне да размислува со своја глава. Сепак, позитивно е тоа што се гледа дека одредени луѓе ги обединува таа идеја за слободно општество, без притисоци.

Поврзани новости