Извршители затропаа на вратата на петнаесет – годишната Мартина, девојче со церебрална парализа која живее со својата мајка Маргарита Маги Миолошевска, која е самохран родител, во социјален стан во Гостивар.
Вознемирената мајка во телефонски разговор за ,,Фокус,, појаснува дека нивната агонија нема крај. Околу тоа како се довела во состојба да влезе во извршителските лавиринти, вели дека приказната е долга, но сепак, доколку државата имала слух за неа, решението ќе било пронајдено многу одамна.
-Социјалните станови беа изградени во 2002 година и во времето кога се вселивме, немаше ниту струја, ниту вода. Се изнамачив како самохрана мајка на дете со посебни потреби, сопругот ми почина на 40 години, по раѓањето на Мартина, беше тоа тежок период. Невработена, живеев на товар на мајка ми и од милоста на роднините.
Плаќав кирија на ЈП за стопанисување со станови и деловен простор, сума од околу 1.500 денари месечно. Потоа, не стопираа, не известија дека не треба да се плаќа кирија, бидејќи се водел спор со инвеститорот, односно компанијата Пелагонија од Гостивар која ги изгради зградите.Помина и тоа, јавното претпријатие повторно ги превзеде становите, значи киријата требаше пак да се плаќа таму.
Во меѓувреме, додека не плаќавме, во рок од неколку години, односно откако го добивме дописот дека не треба да се плаќа на ЈП, се натрупаа сумите, не по наша вина.
Јас во тој период бев во тешка финансиска состојба, и натрупаниот долг не го плаќав редовно. Во меѓувреме, како што впрочем и вие од ,,Фокус,, пишувавте лани, апелирав да ми се направи замена на станот, бидејќи живеам на третиот кат во зграда без лифт и не можам повеќе да ја носам Мартина на раце по скалите. Таа е веќе возрасна, јас стареам и ја немам силата од млади години… Значи отворено барав да ми доделат стан на приземје, на прв кат или пак во зграда со лифт. Сите останаа неми и глуви на моите апели – појаснува мајката.
Пред пет години се вработила на приемно одделение во Центар за јавно здравје Тетово и вели дека работи со скратено работно време. Завчера останала во шок откако и се јавила сметководителката од работа, која ја известила дека и стигнало решение од извршител, да и се стопира од платата поради стариот долг кој го имала кон ЈП за стопанисување со станови и деловен простор.
-Јас од мојата плата отплаќам кредит, се борам со секојдневието на самохран родител на дете со посебни потреби, и на крај треба и извршител да ми зема од платата… Веднаш се јавив кај извршителката, бев во паника, а таа ми кажа дека дури постоел и предлог за наше иселување од станот.
Сепак, жената имаше слух, сочувствуваше со мене. Ми кажа дека знае за мојата состојба, читала во медиумите, гледала прилог на телевизија во кој е опишано моето секојдневие со Мартина. Беше трогната, но од сочувствителност не се живее и не се плаќаат долгови –вели Милошевска.
Додава дека она што го бара од државата е да и се пружи конкретна помош, односно да и се отфрли стариот долг, кога не плаќала кирија во времето кога не била вработена. За долгот кој се натрупал во изминатите пет години, откако е во работен однос, и кој делумно го исплаќала, вели дека ќе најде начин да го отплати на рати.
-Дали е многу ако барам да ми се прости стариот долг за кирија, направен од времето кога бев без работа, кога дури живеев во стан без струја и вода? Многу ли е ако јас како родител на Мартина, барам било каква помош од оваа држава? Ме интересира, како може ние, граѓаните да им ги плаќаме адвокатските трошоци на Груевски, Бучковски и на останати политичари обвинети за разни криминали, а за оваа најранлива категорија на луѓе во нашата земја да се нема милост?
Освен долгот, се натрупаа и камати по разни основи, на агонијата и нема крај. Ќе сторам се што е во моја можност да го исплатам долгот за кирија од последните години, откако сум вработена, но барам сумата од тој период, кога едвај преживеав со моето дете, да биде отфрлена и надлежните сериозно да го разгледаат мојот проблем, да бидеме сместени во стан во зграда со лифт – изјави Маги која што е и координатор во Ресурсен центар за родители на деца со посебни потреби и голем активист за правата на лицата со посебни потреби и нивните родители.
Во изминатите години таа со помош на хуманите граѓани успеа да собере средства и да ја однесе Мартина на лекување на клиники во Србија и Бугарија, каде што и ветувале подобрување на состојбата.
Нејзината незавидна ситуација го наметнува прашањето дали и кога ќе бидат донесени измени во законите, кога станува збор за овие категории на граѓани, со цел да им се олесни тешкото секојдневие и предизвиците кои им ги носи животот како родители на деца со посебни потреби, од кои голем дел поради постојаната грижа и нега неопходна за нивните деца, дури и не се способни да бидат во работен однос.
-Ако ние треба да плаќаме на извршители, во оваа состојба во која што едвај функционираме, ќе порачам слободно нека дојдат и нека не исфрлат од станот, и мене и Мартина. Ама додека не исфрлаат, нека бидат присутни сите, и стари и нови функционери, и премиер и министерка за социјална политика, пред нивни очи нека се заврши таа работа – порача мајката.
Вики Клинчарова