Народна банка контра инфлацијата од над 18 проценти, ја качи основната каматна стапка

by Fokus

Со растот на основната каматна стапка за о0,5 процентни поени, и таа сега е 3,5 проценти Народната банка ја спроведува својата монетарна политика, со цел да влијае врз инфлацијата која достигна 18,7 проценти на годишно ниво во септември, според мерењата на Државниот завод за статистика.

На овој начин треба да поскапат  кредититие, со цел да се дестимулира задолжувањето, но треба да донесе и повисоки камати кај депозитите, со цел да го стимулира штедењето, поточно помалку пари во оптек, а тоа треба да влијае на намалување на цените на производите, за кои би имало помала побарувачка.

Оваа каматна стапка се смета за основна и таа е дел од пресметките за каматите на комерцијалните кредити, но и за каматите на депозитите.

-Во септември, најголемите централни банки продолжија со позначителни зголемувања на референтните каматни стапки, при нагорни корекции на очекуваната патека на инфлацијата на глобално ниво. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната и понатаму се намалуваа, односно нивните приноси забележаа пораст. Истовремено, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму зајакнува, согласно со зголемената побарувачка за САД-долари, како и при релативно поповолни изгледи за американската економија. Во текот на месецот, цените на повеќето енергенти и на храната на светските берзи се намалија, заклучува Народната банка.

Оттаму забележуваат дека иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар. Покрај тоа, на ова делува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија.

-Најновите податоци покажуваат годишна стапка на инфлација од 18,7% во септември, или просечна годишна инфлација во периодот јануари – септември 2022 година од 12,4%. Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешни фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Од тие причини, околу 80% од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75% од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачкатa, соопшти Народната банка.

 

 

 

Поврзани новости