Народна банка: Бруто надворешниот долг е зголемен за 430 милиони евра

by Fokus

Бруто надворешниот долг на Македонија во првиот квартал во 2022 година изнесувал 9,997 милиони евра, што претставува квартално зголемување за 430 милиони евра, додека зголемување е забележано и кај бруто надворешни побарувања за 8 милиони евра и сега изнесуваат вкупно 5.917 милиони евра, покажуваат најновите статистички податоци на Народната банка.

-Поголемото квартално зголемување на обврските, во однос на побарувањата, доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 422 милионa евра, со што на крајот на март во 2022 година тој изнесува 4.060 милиони евра. Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто долгот бележи квартално зголемување за 486 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот приватен долг (за 642 милиона евра), додека јавниот долг бележи квартално намалување (за 156 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 428 милиони евра), приватните банки (за 128 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 86 милиони евра).

Кварталното намалување на јавниот надворешен долг од 156 милиони евра е резултат главно на намалувањето на долгот секторот „држава“ (за 145 милиони евра), како и намалувањето на долгот на јавните претпријатија и јавните банки (за 13 милиони евра)“, се вели во соопштението на Народна банка.

Негативната нето инвестициска позиција на земјата на крајот на март изнесувала 7.789 милиони евра или 58,5 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).

Бруто надворешните побарувања на крајот на првиот квартал од 2022 година, изнесуваат 5.917 милиони евра или 44,4 отсто од проектираниот БДП и забележаа квартално зголемување од 8 милиони евра или за 0,1%, додаваат од Народна банка.

-Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 40 милиони евра и изнесуваат 5.915 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените приватни побарувања за 438 милиони евра, при намалени јавни побарувања за 398 милиони евра. Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 397 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 73 милиони евра), при намалени побарувања на приватните банки (за 33 милиони евра)“, се наведува во дописот на Народна банка.

На 31 март 2022 година, посочуваат од Народна банка, нето надворешниот долг изнесува 4.060 милиони евра (или 30,5% од проектираниот БДП).

-Нето надворешниот долг на земјата во првиот квартал од 2022 година е зголемен за 422 милиона евра или за 11,6%. Од аспект на структурата, приватниот нетодолг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 58%, објавија од Народна банка.

 

Поврзани новости