„Обврската за борба против тортурата и нехуманиот третман не смеат да бидат само декларативни, туку крајно време е властите да преземат конкретни мерки и активности за сузбивање на ваквите состојби, а на жртвите кои биле предмет на мачење или друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување да им обезбедат соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка“, пишува во соопштението од Народниот правобранител по повод 26 Јуни, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура.
Во соопштението е нагласено дека поддршката на жртвите од тортура претставува една од основните обврски на секое општество кое ги почитува демократските принципи и меѓународни стандарди за човековите права.
„Народниот правобранител како Национален превентивен механанизам врши континуиран мониторниг во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и постојано алармира за нехуманите услови и понижувачкиот третман на којшто се изложени лицата во овие места“, се вели во соопштението.
На 12 декември 1997 година, со резолуцијата 52/149, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 26 Јуни како Меѓународниот ден за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.