Народниот правобранител изразува длабока загриженост по повод информациите во јавноста за случај на сериозно врсничко насилство извршено од група ученици врз нивна соученичка, кој содржи елементи на физичко и психичко малтретирање, понижување и деградирачко постапување.
Од институцијата оценуваат дека ваквите настани претставуваат тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето и укажуваат на сериозни слабости во системот на превенција и заштита од насилство во образовните установи.
Според достапните информации, иако надлежните институции презеле одредени активности, народниот правобранител во денешното соопштение укажува дека формалното постапување не е доволно.
– Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Особено се нагласува потребата од спречување на секундарна виктимизација на детето, преку внимателно и стручно постапување, избегнување на повеќекратни сослушувања и заштита на приватноста и достоинството на жртвата.
Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива и ќе побара детални информации од училиштето и другите надлежни институции за тоа дали биле преземени сите потребни мерки за превенција и навремена заштита, дали постоеле претходни индикации за насилство и како било постапено по нив, како се обезбедува тековната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите.
Воедно, Народниот правобранител упатува апел за поголема родителска одговорност и грижа за децата, имајќи предвид дека воспитната и заштитната улога на семејството е клучна во спречувањето на насилното однесување. Родителите, како што се посочува во соопштението, имаат обврска активно да го следат однесувањето на своите деца, да препознаваат ризици и навремено да реагираат.
Истовремено, се укажува на значајната улога на центрите за социјална работа како органи надлежни за заштита на правата и најдобриот интерес на детето. Потребно е овие институции да постапуваат проактивно, навремено и координирано, преку преземање мерки за поддршка на семејствата, работа со децата во ризик и спречување на понатамошни штетни последици.
-Заштитата и грижата за децата мора да биде сеопфатна, континуирана и заснована на заедничка одговорност на сите чинители во општеството, се наведува во соопштението.