Се зголемува набавната цена на струјата од 1 јануари, ЕСМ достави најповолни понуди на тендерот на ЕВН

by irena 15:40
15:40

Електричната енергија што ЕВН Хоме ќе ја набавува за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи во 2027 година ќе биде во просек за 4,15 проценти поскапа во однос на годинава, според најповолните понуди доставени на денешниот тендер на универзалниот снабдувач.

Државните Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) доставиле најповолни понуди за двата лота на тендерот. За 70 проценти од вкупно потребните количини, ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават-час, додека за преостанатите 30 проценти понудената цена изнесува 74 евра за мегават-час.

Со тоа, просечната пондерирана цена на електричната енергија од двете понуди изнесува 67,70 евра за мегават-час.

На минатогодишниот тендер, одржан на 27 ноември 2025 година, ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават-час за покривање на 100 проценти од потребните количини за цела 2026 година. Во втората половина од 2025 година, пак, цената изнесуваше 62 евра за мегават-час.

Годинава набавката се одвива според изменет модел, согласно обврските од европската реформска агенда. ЕСМ има обврска да обезбеди 70 проценти од потребната електрична енергија по повластена цена, додека преостанатите количини се обезбедуваат преку набавка на слободниот пазар, каде што државната компанија повторно достави најповолна понуда.

„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри“, соопштија од ЕВН Хоме.

Колкави ќе бидат сметките на граѓаните од јануари 2027 година ќе биде познато по завршувањето на пресметките, во кои покрај набавната цена на електричната енергија влегуваат и трошоците за пренос, дистрибуција и останатите параметри предвидени со регулаторната методологија.

Слични вести