Народниот правобранител, Иџет Мемети, поднесе Иницијатива за изготвување предлог за изменување и дополнување на одредбите од Законот за заштита на децата. Според него, постои нееднаквост и правна несигурност бидејќи само мајката може да го оствари правото за надоместокот на трето дете.
„Констатиравме дека во случаи кога се има трето дете, барање за родителски додаток за трето дете може да поднесе само мајката, што значи се дава приоритет на едниот родител. Тоа значи дека таткото не е еднаков со мајката. Притоа не се води сметка за целта на давањето на наведениот паричен надоместок, односно подобрување на животниот стандард на семејството кое има трето дете“, велат од кај народниот правобранител.
Според нив, се доведува под прашалник основноста и оправданоста на ваквото законско решение кое ги ограничува пристапот и остварувањето на ова право на двајцата родители. Тие додаваат дека законските одредби се во спротивност и со принципите на правичност, хуманизам и солидарност како темели на вредности на Република Македонија.